Владата продолжува со финансиската поддршка за земјоделските задруги

Владата ја продолжува поддршката за здружување во земјоделството преку финансиска поддршка за земјоделските задруги.

Преку Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството во тек е оглас за финансиска поддршка за основање и функционирање на земјоделските задруги во државата, на кој може да аплицираат сите регистрирани земјоделски задруги, согласно законот за земјоделски задруги.

И оваа година, со владини средства ќе бидат финансирани платата за лице управител во висина од 100% во првата година, со намалување од 20%  за секоја наредна година, во период не подолг од пет (5) години, надоместокот  за ангажирање на стручни лица од областа на земјоделството и ветеринарните науки, во висина не повеќе од просечна плата во државата, за задругите од голем обем, трошоците за премии за осигурување во висина од 70% од трошокот за осигурување на производните капацитети на земјоделската задруга од мал обем и 80% за осигурување на производните капацитети на земјоделската задруга од голем обем, но не повеќе од 3.000.000 денари, на годишно ниво, како и трошоците за основање и функционирање на земјоделските задруги, за сметководствени услуги и останати технички трошоци поврзани со работата на земјоделската задруга.

Согласно распишаниот оглас сите постоечки или новоформирани земјоделски задруги можат да аплицираат за овој вид на финансиска поддршка во текот на целата година, а согласно објавените квартали во огласот и да ја искористат оваа владина поддршка.

Постапката за аплицирање е едноставна, преку поднесување на барање за исплата со приложување на документацијата од формираната земјоделска задруга и приложување на документите кои се доказ за реализираните трошоци кои се финансираат преку оваа програма.

Од Владата информираат дека ова значителна финансиска поддршка за земјоделските задруги е со цел окрупнување на земјоделското производство и поттикнување на земјоделците  да се здружат во земјоделски задруги, да го здружуваат своето производство во земјоделски задруги, од причина што истото е во нивна корист поради поголемата ефикасност во производството, намалување на производствените трошоци, дефинирање на подобри позиции при продажбата на земјоделското производство како и зголемување на профитабилноста од производството.

-Ние силно веруваме дека здружувањето во земјоделството и креацијата на земјоделските задруги обезбдедува повисоко профитабилност во земјоделскиот сектор, затоа и предвидуваме една поширока палета на мерки и проекти чија што цел е стимулација и мотивација на здружување во земјоделството. Во тек е оглас на кој што сите земјоделски задруги може да аплицираат и на тој начин да добијат финансиска поддршка од Владата за покривање на различен вид на трошоци во поглед на плати, премии и други видови за основање на самата задруга. На тој начин може да заштедат од трошоците и од таа заштеда потоа да ја инвестираат во понатамошен развој, но не само тоа туку предвидуваме и дополнителна поддршка преку субвенциите за кои што земјоделските задруги добиваат до 15 проценти повисоки субвенции од вообичаените. При набавката на земјоделска механизација покриваме 90 проценти од трошоците, финансираме и други поддршки и затоа апелираме земјоделците да ги проучат добро овие можности, да наидат и на поддршка и на совети од страна на надлежните институции и на тој начин да инвестираат во сопствениот успех, истакна владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Од донесувањето на Законот за земјоделски задруги досега во државата се формирани и функционираат вкупно 29 земјоделски задруги од различни гранки во земјоделството, кои претставуваат и добар пример за останатите земјоделци да формираат земјоделски задруги, да ја искористат владината поддршка и да ја зголемат продуктивноста и профитабилноста од своето производство.

 
 
25.03.2016 - 15:14

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега