ДИК утре стартува со теренска проверка

Материјалите за анкетирање на спорните гласачи се доставени до подрачните одделенија на Државната изборна комисија, а од утре започнува теренската проверка, информираше денеска претседателот на ДИК Александар Чичаковски пред подрачната канцеларија во Општина Центар.

- Во финална фаза сме на подготовка на теренските проверки. Од утринава се доставени сите материјали до подрачните одделенија и канцеларии на ДИК. Вработените во подрачните одделенија, со помош на кадар кој е даден на помош од другите инстиитуции, напорно работи да го обработи материјалот, истакна Чичаковски.

Информира дека  обуката за анкетарите е завршена, а се очекува до крајот на денот да им биде доставен и материјалот за утрешната теренска проверка.

Според Чичаковски, Државната изборна комисија ги прави сите напори за, како што рече,  да бидат запазени законските рокови.

- Во однос на 124 илјади спорни гласачи на привремена работа или престој во странство ДИК има донесено одлука во рамки на Комисијата да се направат дополнителни консултации за да се види како да се постапува во однос на овие граѓани, рече Чичаковски.

На новинарско прашање за дисковите со податоци од последните проверки, Чичаковски одговори дека тие се дадени на партиите на барање на членови на ДИК заради нивна работа во Комисијата. Тие, рече тој, ги добија материјалите во рамки на нивното право и овластување да постапуваат во рамки на ДИК.

Според Бојана Герасова, раководител на подрачното одделение во Центар, подготовките течат интензивно, а се работи на техничка обработка на доставените прашалници.

Герасова информира дека на територијата на општините Аеродром и Центар треба да бидат проверени 6.700 спорни гласачи. Таа појасни дека доколку не се пронајдат дома граѓаните, тие ќе бидат посетени уште еднаш, а доколку и тогаш не се најдат, ќе им биде доставено известување за да дојдат во подрачното одделение на ДИК.

 
 
27.03.2016 - 15:59

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега