СМК: Во Албанија нема Бугари, туку Македонци

Светскиот македонски конгрес (СМК) најостро ги осудува активностите на Бугарската амбасада во Република Албанија во поддршката на здруженија на граѓани кои во областите населени со Македонци шират бугарска пропаганда и нудат бугарски државјанства за Македонците во Албанија како Бугари, пренесува електронското издание на единствениот весник на македонски јазик во Албанија„ Илинден“.

- СМК потврдува дека на целата територија на Република Албанија не живеат Бугари, воопшто пак во областите Гора, Голо Брдо и Мала Преспа. Изјавите на здруженија на граѓани со поддршка на бугарската амбасада во Тирана дека во Република Албанија нема Македонци претставуваат груб фалсификат на историјата и вистината. Македонците во Голо Брдо биле признати од Република Албанија до 1949 година, што се потврдува со изводите од матичните книги на родените, издадени во тоа време, на коишто во графата националност пишува Македонец,-стои во реакцијата на СМК.

Истовремено, како што се наведува во рекацијата, и наставата во училиштата во Голо Врдо се изведувала на мајчин македонски јазик.

- Мајчин јазик кој се зборува во Голо Брдо е македонскиот јазик, а децата до седум години не го знаат албанскиот јазик, туку него почнуваат да го учат откако ќе заминат во училиште. Светскиот Македонски Конгрес изјавите дека нема Македонци во Албанија ги смета за крајно недолични и неодговорни, тоа претставува груба навреда на достоинството на Македонците во Република Албанија во целина, стои во реакцијата.

Светскиот македонски конгрес иницира билатерална спогодба меѓу Република Македонија и Република Албанија за положбата и правата на Македонците во Република Албанија и на Албанците во Република Македонија, што нема да ги ограничува затекнатите права и слободи, туку ќе ги нотира основните права и слободи утврдени со меѓународните договори.

 
 
29.03.2016 - 23:43

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега