Извонреден напредок во авиосообраќајот - бројот на превезени патници во подем
Политиката на субвенционирање на авиосообраќајот, како и влезот на инвеститорот ТАВ во Македонија, направија бум во авиобизнисот, како во земјава, така и во регионот. Ако пред десетина години бројот на дестинации беше 15, денес Македонија авионски е поврзана со 35 дестинации ширум светот, пишува Лидер.
Според надлежните, инвестициите во авиосообраќајот направија авионскиот превоз да биде привилегија за сите граѓани, а за тоа се заслужни евтините авиобилети преку нискобуџетните компании. Имено, вчера беа промовирани уште три нови авиолинии преку компанијата „Виз-ер“. Од скопскиот аеродром „Александар Велики“ двапати неделно ќе се лета до Берлин, Копенхаген и Братислава.
Бројот на превезени патници од македонските аеродроми континуирано расте. Во првите два месеца од годинава преку аеродромите од Скопје и Охрид биле превезени над 200 илјади патници, за 28 проценти повеќе во споредба со истиот период лани.
Во 2015-та година, пак, за 22 проценти е зголемен бројот на превезените патници во однос на претходната 2014-та година. Изминатата година над 1.560.000 патници ги користеле услугите на македонските аеродроми. За 11 проценти, пак, е зголемен и бројот на воздухопловни операции.
-Освен изградба и реновирање на двата постојни аеродроми се чини најголемата предност за граѓаните е што сега може да искористат некој од 20 евтини летови или една од 35 достапни дестинации. Ако во 2005 имало 15, денеска има 35 редовни линии. Има голема разлика. Оваа година три нови летови на Виз-ер кон Братислава, Копенхаген, Берлин, а и Катар ерлајнс најави дека ќе оперира од октомври, а пред неколку дена најавија дека Ер Србија ќе лета од Охрид за Белград. Се прошируваат редовните линии, во иднина ќе има подостапни дестинации за пониска цена за сите граѓани, вели министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски.
Според надлежните, евидентен е напредокот во авиосообраќајот. По направената реконструкција на аеродромите во Скопје и Охрид, скопскиот аеродром стана еден од најконкурентните во регионот за што три пати добива награда како најдобар аеродром во категоријата до 2 милиони патници. Директните летови до Охрид, пак, му одат во корист на туризмот.
-За многу кратко време се воведоа многу нови летови до европските метрополи. Летањето стана привилегија на сите граѓани поради пристапните цени на авиобилетите, со што се овозможи многу луѓе, меѓу кои млади лица, цели семејства, како и наши иселеници од дијаспората почесто да патуваат. Од друга страна и многу туристи и бизнисмени почнаа да ја откриваат Македонија, вели Зоран Крстевски, генерален директор на ТАВ Македонија.
Она што е многу значајно е дека во Македонија влегува и една од најдобрите светски авиокомпании „Катар ервејс“. Компанијата најави дека од месец октомври ќе започнат да летаат на релација Скопје- Доха.
Инвестиции во авиосообраќајот придонесоа изминатата година да се постигне рекордна бројка од 1,5 милиони патници што поминале низ македонските аеродроми.
Евтините авиобилети го вратија интересот за летање
Новите дестинации и евтините авиобилети го вратија интересот за летање, што се гледа и од статистиката. Ако порано македонските аеродроми оперираа со бројка на превезени патници од околу 600 илјади, сега сликата е комплетно променета. Во 2013-та за првпат е натфрлен милионот и оттогаш има постојат раст, па оттука и се и очекувањата дека во претстојните години ќе се надмине бројката од 2 милиона.
Македонските граѓани сега полесно се поврзани со европските метрополи. Се зголемува бројот на дестинации до кои може да се стаса од земјава. На редот на летање се ставени: Барселона, Базел, Белград, Брисел, Келн, Дортмунд, Дубаи, Дизелдорф, Ајндховен, Франкфурт, Фридрихшафен, Женева, Гетеборг, Хамбург, Истанбул, Љубљана, Лондон, Малме, Милано, Минхен, Нирнберг, Осло, Париз, Рим, Стокхолм, Венеција, Виена, Загреб, Цирих, Сплит. Од мај годинава, повторно ќе биде воспоставен и директниот лет Скопје- Прага, а и „Катар ервејс“ од октомври најави воспоставување директен лет меѓу Скопје и Доха.
Ако во 2005-та година се летало само кон 15 дестинации, годинава ќе се оперира кон 35. Споредено со пред 10 години, бројот на патници е тројно зголемен, од 500 илјади на 1,5 милион.
Статистиката на ТАВ Македонија покажува дека најфрекфентни дестинации се Истанбул, Цирих, Виена, Малме, Базел и Лондон. Сè повеќе се зголемува интересот и за новите дестинации од Скопје како Женева, Фридрихшафен, Осло, Барселона, Хамбург и Нирнбег, како и две од Охрид до Лондон и до Базел.
Од јуни, македонската метропола воздушно ќе се поврзе и со Братислава, Копенхаген и Берлин. Со новите линии, надлежните очекуваат зголемување на приливот на туристи, продлабочување на бизнис конекциите, но и раст на карго превозот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа