Импровизирана акција за спасување лица при пожар на висококатница во Битола
Регионалната дирекција за заштита и спасување во соработка со територијалната против-пожарна единица, службата за итна медицинска помош, Црвен крст и претставници на општина Битола денеска изведоа заедничка превентивна акција за спасување лица од висококатница од објект на ЗК „Пелагонија“.
Спасувањето од висококатници е посебно опасна и храбра интервенција, но, благодарение на обученоста на лицата кои ги активираме, интервенцијата е успешна и ефикасна, истакна Слободан Вуковиќ, раководител на одделението за обука во Регионална дирекција за заштита и спасување, кој ја координираше денешната превентивна акција во Битола.
-Досега сме организирале околу 180 обуки низ кои се сертифицирани околу 7.000 лица кои работаат во различни фирми, компании и служби и кои умеат веднаш да интервенираат во случај на пожар и други непогоди. Секоја обука триумфира со нова оспособеност на учесниците и важно е да се одржуваат вакви обуки бидејќи за жал се случува многу луѓе да не знаат да употребат и против-пожарен апарат, истакна Вуковиќ.
Денешната импровизирана акција за спасување лица во висококатница ја следеше и градоначалникот на општина Битола Владимир Талески, кој потврди дека локалната самоуправа има посебна програма за интервенции во ситуација на елементарни непогоди.
-Освен стручните лица кои се вклучуваат во акциите за заштита и спасување, при интервенции треба да помагаат и други вработени лица во соодветна фирма или институции. Општина Битола ќе го поддржува обучувањето лица кои треба да се вклучат при елементарна непогода или други неприлики. Важно е првата средба со несреќата да не биде панична туку присебна со правилен начин на справување, а за тоа значајни се обуките и ние тоа ќе го направиме со сите институции од надлежност на локалната самоуправа, нагласи Талески.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа