Груевски: Амфенол ќе вработи нови 550 невработени лица

 

Американската автомобилска компанија „Амфенол“, која веќе работи во два капацитети во Кочани, до крајот на годинава ќе изгради фабрика и ќе вработи уште 550 лица во овој град во источна Македонија. Американската компанија вкупно ќе вработува 1.300 лица од Кочани и околните места. 

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски денеска изјави дека е особено горд што неговите и напорите на тимот со кој што работел придонеле за инвестиции во земјата и за намалување на невработеноста.  

- Денеска објавив на мојот „Фејсбук“ профил дека имаме нова инвестиција. Американската мултинационална корпорација, која што се наоѓа во првите 500 компании според „Форчун 500“, една од најголемите и најмоќните компании во светот „Амфенол“, која што во Кочани веќе има браунфилд инвестиции не информираше дека ќе отвори трета компанија, која што ќе биде изградена како гринфилд инвестиција. Претходните две се браунфилд, што значи дека се сместија во некои постоечки испразнети погони, додека за третата ќе одат на градење на нова фабрика, нов капацитет, нова хала исто така во Кочани во која што до крајот на годината ќе се вработат 550 лица. Заедно со досега вработените до крајот на оваа година ќе имаат вкупно 1.300 вработени лица, изјави Груевски. 

Овие нови 550 лица кои ќе се вработуваат ќе бидат и од Кочани и од околните населени места Зрновце, Чешиново, Виница и други населени места. 

Груевски рече дека му претставува особено задоволство што ова е трета инвестиција на овој гигант, кој  се рангира меѓу првите 500 во светот и којшто по третпат одлучува да инвестира во Македонија, во Кочани и ќе придонесе за намалување на невработеноста.

- Невработеноста во Кочани е преполовена во однос на 2006 година во буквална смисла. Во 2006 во Кочани беа регистрирани 11.000 невработени, денес во Кочани има само 5.600 невработени. Половина од невработеноста во Кочани е намалена. Не само заради „Амфенол“ туку заради сите оние кои отворија нови компании или, пак, ги проширија капацитетите и вработија нови луѓе, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Груевски рече дека намалувањето на невработеноста и инвестициите во земјата е долгогодишен негов напор и на неговиот тим.

- Да воспоставиме таква бизнис клима, да воспоставиме такви услови за правење бизнис кои ќе ги привлечат најмоќните, најголемите од целиот свет, од целата земјина топка да ја одберат Република Македонија за инвестирање. Заради тие причини направивме многу чекори, многу реформи, кои еве даваат резултат, вели Груевски кој денеска присуствуваше на завршната промоција на книги од едицијата „Ѕвезди на светската книжевност“.    

Претходно, денеска на својот Фејсбук профил, Груевски ја објави веста за новата инвестиција на „Амфенол“ посочувајќи дека оваа инвестиција значи нови вработувања и развој на македонската економија. 

 
 
30.03.2016 - 16:21

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега