Кривичниот совет го поддржа судијата што не го одобри барањето на СЈО за претрес

Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција на денешната седница донесе решение со кое се уважува несогласноста на судијата на претходна постапка за вчерашното барање за издавање на наредба за претрес за лицето Г.Г. поднесено од Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникации (СЈО).

Како што информираат од Основен суд Скопје 1 – Скопје, Кривичниот совет при овој суд по извршениот увид во списите на предметот одлучил дека судијата на претходна постапка правилно постапил давајќи несогласност, бидејќи СЈО има лимитирана стварна надлежност која се однесува на овластувања да истражува и гони кривични дела кои произлегуваат од содржината на неовластеното следење на комуникации, во законски определениот период, а кое нешто не произлегува, од барањето за издавање наредба за претрес, односно не може да се утврди за кој временски период се однесува содржината на комуникацијата од незаконското следење на комуникации од која се тврди дека произлегува кривичното дело.

- Оттука советот смета дека судијата на претходна постапка правилно утврди дека не е исполнет предусловот во смисла на чл.17 ст.1 од ЗКП.
Советот смета дека веројатноста со претресот да се постигнат одредени резултати, мора да претходи на основаното сомневање дека е извршено конкретно кривично дело кое произлегува од незаконското следење на комуникации, дотолку што не може да се преземе претрес за да се пронајдат основите на сомневање, велат од Основниот суд Скопје 1.

Во однос на известувањето дека лицето за кое е поднесен предлог од СЈО се наоѓа во просториите на судот од изутринава, а обвинителот кој постапува не бил навремено информиран, од Основниот суд информираат дека веднаш откако лицето се појавило во судот заедно со неговите бранители за да биде сослушано, од страна на судот е известен и јавниот обвинител да се јави во судот.

Во однос на коментарот на јавниот обвинител во врска со судската пракса дека никогаш од страна на судија на претходна постапка не било одбиено барање за издавање на наредба, порачуваат дека, судиите се самостојни во своето постапување и оти судската пракса не е извор на правото.

- Секој судија согласно Законот, Уставот и со Закон ратификуваните меѓународни договори на РМ, во секој конкретен случај одлучува врз основа на слободно судиско постапување. Судот е зачуден од јавно искажаните коментари за судски преседан поради неиздавањето на судска наредба со која бил одбиен предлогот на СЈП за наредба за претрес, велат од Основен суд Скопје 1.

Судот апелира до институциите да го почитуваат законот и исклучиво да постапуваат по него, како и да ја користат законската терминологија.

За несогласноста,појаснуват дека станува збор за законски институт на изразена несогласност од страна на судија на претходна постапка кој постапува во законски предвидена форма согласно ЗКП.

- Забелешката дека ваков преседан досега не се случил се должи на тоа дека се работи за новоформирана институција со законски точно утврдени овластувања, па оттука не може и нема простор некој да се повикува на пракса и преседани бидејќи судот досега постапувал по пет или шест предлози доставени од оваа институција, па се уште не може да се заклучи за некакво постоење на некаква пракса во постапувањето, потенцираат од Основен суд Скопје 1 – Скопје..

Додаваат дека во судот до овој момент се уште не се доставени најавените предлози за надлежно постапување на прес-конференците што изминативе неколку денови се свикуваат од страна на СЈО.

 
 
30.03.2016 - 18:00

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега