Проектите за млади со двострана корист- и за младите и за градежниот сектор
Новите 40 мерки и проекти за млади од новата програма на владејачката партија, ќе бидат добра стимулација за младите да искористат многу работи и да имаат подобар квалитет на живот. Проектите ќе имаат двострана корист- и за младите и за градежниот сектор, но и за работниците во градежниот сектор кои на среден рок ќе добијат доста проекти и гарантирани вработувања.
-Понудивме 40 нови мерки од кои дел почнавме да ги имплементираме, но најголемиот дел ги нудиме како дел од новата програма, во која ќе има и други мерки за младите. Наидоа на одличен одзив, направивме силен фокус на младите, сметаме дека тоа ќе даде добри резултати за нив, за нивната иднина и оваа листа од 40 проекти која е како дел од нашата нова програма ќе бидат нов квалитет на живот на младите луѓе. Освен што ќе им помогнат на младите, ќе помогнат и во градежниот сектор. Околу 40 милиони евра ќе се инвестираат во 3-4 години за да се спроведат проектите, 40 милиони евра ќе влезат во економијата, многу работници и компании ќе живеат во тие години, потенцираше Груевски во неодамнешното гостување во Дневникот на Сител ТВ.
Агенцијата за млади и спорт веќе распиша јавна набавка за избор на фирма која ќе постави спортска опрема на отворено, во парковите низ земјава, во насока на реализација на новиот проект на АМС за изградба на нови урбани катчиња за спортување и рекреација. Предвидено е да се изградат модерни фитнес-зони, со различни справи и реквизити за спортување и вежбање на сите граѓани, а особено на најмладите.
Фитнес-зоните ќе се поставуваат во парковите и други јавни површини во вкупно 20 општини во земјава, за што од страна на Агенцијата за млади и спорт се обезбедени околу 40 милиони денари. Изградбата се очекува да започне наесен.
150 нови баскет игралишта, отворен базен во СЦ Борис Трајковски и во Шуто Оризари, нова Гимнастичка и тениска сала, како и нови Скејт паркови се дел од проекти кој што претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски ги промовираше во изминатиот период.
Инвестициите во спортската инфраструктура се само дел од пакетот проекти кој што беше објавен од ВМРО ДПМНЕ.
Промовираните проекти за младите ќе влијаат и на градежништвото. Од 40-те мерки и проекти, околу 17 се со инфраструктурен карактер, а планирањата се дека тие на градежништвото ќе му донесат над 40 милиони евра свежи пари за реализација на овие проекти.
-Нашите проценки кажуваат дека ќе влезат околу 40 милиони евра свежи пари во градежништвото со реализацијата на овие 17 проекти за млади, дали се тоа проектите за градење на гимнастичка сала, дали е проектот за градење на базен во СЦ „Борис Трајковски“, дали проектот за изградба на 150 баскет игралишта, за изградба на нов конгресен центар во Охрид или некои од многуте други проекти, 17 од нив се поврзани со градежни работи, изјави Груевски неодамна.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа