Груевски:Во Ресен 15 милиони евра инвестиции во инфраструктурата и туризмот
Петнаесет милиони евра Владата има инвестирано во Преспа во патната и комуналната инфраструктура и за подобрување на туристичката понуда. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски денеска во Ресен истакна дека ова е регион во кој многу е инвестирано во рамките на можностите што ги има Владата.
- Изградивме две прекрасни плажи во Стење и Сливница и за плажите се инвестирани околу 1,2 милиони евра. Проектирани се за уредување дополнително 1.400 метри плажи на Езерото. А овој месец треба да почне изградбата на пешачка патека долга 5,5 километри која што ќе биде покрај Езерото и ќе биде вистински магнет како за домашните, така и за странските туристи. Во моментов се работи на реконструкција на водоводот што е инвестиција од околу 300 илјади евра. Инвестирани се многу средства и во локални патишта. Изградени се голем број локални патишта, а во тек е реконструкцијата на регионалниот пат Битола – Ресен, која треба да заврши во септември. Досега се реконструирани вкупно 50 километри локални и регионални патни правци кои што се од значење за Општина Ресен, изјави Груевски.
Тој додаде дека продолжува Ресен да биде во фокусот. - Ова е, рече, регион кој продолжува да биде во фокусот на нашата работа и онолку колку што се можностите ние гледаме да инвестираме во секој сегмент значаен за граѓаните.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа