Сите патишта водат кон 5 јуни

 

Чудната летаргија на еден ден пред последниот работен за овој пратенички состав. Согласно одлуката која Собранието ја изгласа на крајот од февруари, 6 април ќе биде денот кога пратениците ќе почнат да ги празнат своите канцеларии.
За разлика од 23 февруари, кога беше поништена одлуката за распуштање на Собранието, денеска, атмосферата е сосема поинаква а освен спорадични изјави, нема гласен став од политичките партии.

Од ВМРО-ДПМНЕ она што стои како официјален став веќе неколку месеци е дека предвремените парламентарни избори треба да се одржат без одлагање. Партискиот претседател Груевски во изјава за медиумите истакна дека добил цврсти гаранции од ДУИ дека изборите ќе се одржат на 5 јуни.
Неофицијално, од најголемата македонска партија се надеваат дека ќе опстане одлуката за распуштање на Собранието

И СДСМ има прилично константен официјален став кој за разлика од оној на ВМРО-ДПМНЕ отвора повеќе прашања отколку што дава одговори. Од Бихаќка велат дека се подготвени за избори но само доколку тие бидат фер и демократски, што е еден широк терен кој остава простор за маневар околу тоа дали опозицијата ќе се појави на изборите. Она што излегува од опозицијата како неофицијален став е дека ќе се стори се што е можно избори да не се случат, а тоа пред се ќе биде обид за проблематизација на избирачкиот список, но не се исклучуваат и можни поситни инциденти кои би се искористиле како повод изборите да не се случат.
И официјалниот став на ДУИ е избори на 5 јуни. Од партијата велат дека треба да се вложат максимални напори да се стави крај на кризата и да се забрза евроатланскиот интегративен процес.

Ставот на ДПА е поблизок до оној на СДСМ, но од Тачи не се очекуваат посериозни опструкции на изборниот процес.
За Собранискиот спикер, Трајко Вељаноски нема дилема дека изборите ќе се одржат на 5 јуни. Тој вчера во интервју за ТВ Нова нагласи дека нема ниту една причина за ново одложување на изборите.

– На 7 април веќе ќе биде распуштено Собранието, значи на 6 април до вечерта може до полноќ да работи Собранието во согласност со Одлуката за измена на Одлуката за распуштање на Собранието. Уште два дена се  работни каде што може Собранието да носи закони, вклучувајќи нели и овој избор на министри и заменици министри. Јас очекувам да има нормален тек овие денови, тоа што е стигната да се заврши низ собраниската процедура да се изгласат закони и секако на 7 април утрото Собранието да биде распуштено и согласно моите надлежности јас да распишам избори за 5 јуни – заклучува Вељановски.

Меѓународниот фактор кој се чини игра клучна улога во комбинаториката со датумите околу изборите има став дека Собранието треба да ја донесе конечната одлука.

– Во февруари собранието донесе одлука да ги одложи изборите од 24 април за 5 јуни и оттогаш е постигнат важен напредок, особено со избирачкиот список и во работата на ДИК. Од народот, партиите и Собранието зависи одлуката за датумот на изборите, изјави вчера американскиот амбасадор во Република Македонија, Џес Бејли, во заедничкото интервју со евроамбасадорот Аиво Орав за Канал 5.

Но ставовите на амбасадорите се едни кога се изнесуваат јавно завиени во дипломатска обланда, а сосема друго кога станува збор за комуникацијата со партиите, кога светлата ќе се исклучат. Оттука, оние кои добро ги познаваат ситуациите велат дека не треба да се исклучи можноста за нов притисок од меѓународниот фактор за одложување на изборите, иако сега, можноста за тоа, за разлика од 23 февруари е драстично намалена. 

 
 
05.04.2016 - 10:51

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега