Собранието пред распуштање: Три можни сценарија
Три можни сценарија очекуваат политичките аналитичари во пресрет на 6 април, денот кој според последната одлука би требало да биде последен работен за македонските пратеници од овој состав. Но по искуството од 23 февруари, никој во Македонија не може со сигурност да тврди дека утрешната ноќ нема да биде реприза на онаа од предминатиот месец.
Распуштање на Собранието
Првото и едно од најочекуваните сценарија во политичките кругови е последната Собраниска седница да се одржи на 6 април по што по автоматизам да стапи на сила одлуката за распуштање на законодавниот дом и на полноќ пратениците од овој состав да бидат ослободени од работните обврски.
Одложување на изборите
Но многу политички аналитичари очекуваат серија опструкции од опозицијата и нов обид за одложување на изборите. Рејтингот кој СДСМ го има меѓу граѓаните гарантира нов изборен пораз, а според аналитичарите прашањето не е дали СДСМ ќе ги загуби изборите, туку со колкава разлика ВМРО-ДПМНЕ ќе победи. Во такви услови, за очекување е СДСМ да стори се изборите закажани за 5 јуни да се одложат, па тука влегува во игра второто сценарио кое предвидува ново поништување на одлуката за распуштање на Собранието.
За тоа да се случи, на СДСМ му требаат три клучни фактори. Собраниска седница, кворум и мнозинство од 62 пратеници.
Според актуелниот распоред на силите во Собранието, мнозинството за СДСМ математички не е недостижно, но практично, никој од пратениците не верува дека опозицијата ќе успее да го обезбеди. ВМРО-ДПМНЕ контролира 59 пратеници а 1 пратеник има и ГРОМ. Тоа значи дека на СДСМ ќе му требаат сите останати пратеници во законодавниот дом, вклучувајќи ги и трите независни пратенички кои во ваква ситуација би можеле да ја одиграат клучната улога. На 23 февруари при последното одложување на изборите СДСМ, со силна помош од меѓународниот фактор не успеа да обезбеди мнозинство во Собранието, по што амбасадите на ЕУ и САД во Македонија на ВМРО-ДПМНЕ му гарантираа избори на 5 јуни и прекин на преговорите за Законот за медиуми во замена за поддршка на барањето за одложување на изборниот процес.
Но политичките аналитичари не очекуваат одлуката за евентуално ново одложување на изборите да биде донесена без гласовите на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Според нив, тоа е многу опасен чекор кој би можел да влијае на сериозна дестабилизација особено ако се има предвид дека би можело да доведе до оставки на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и формирање на нова влада во која не би учествувала партијата која има најголемо влијание во Собранието. Во такви услови се отвора простор за продлабочување на политичката криза бидејќи на законодавниот дом би му фалеле речи си половина пратеници а постои сериозна опасност членството на најголемата партија во земјава револтот да почне да го изразува преку масовни протести на улица.
Собраниски молк
Иако е најмалку веројатно сценарио , но сепак постои како можност, спикерот Вељаноски по денешната седница за избор на новите министри на ДУИ воопшто да не закаже нова седница се до 7 април. Во таква ситуација Собранието би се распуштило без можност за нови политички игри во него. Иако постои можноста одреден број пратеници да свикаат пленарна седница, сепак, времето од еден ден во комбинација со сите административни формалности и потребата од кворум од 62 пратеници оставаат многу малку простор тоа да се случи.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа