Претседателот Иванов се сретна со Вселенскиот Патријарх Вартоломеј I

 

За време на работната посета на Република Турција, претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов оствари средба со Вселенскиот Патријарх Вартоломеј I.

Двајцата соговорници разменија мислења за повеќе актуелни теми од взаемен интерес‎. 

 Претседателот Иванов го запозна соговорникот за актуелностите поврзани со Mакедонската православна црква – Охридска архиепископија и нагласи дека сите разлики и спорови треба да се надминуваат преку дијалог, во духот на христијанството и меѓусебното почитување и разбирање.

 Во тој контекст, македонскиот претседател истакна дека го охрабрува и очекува дијалогот меѓу МПЦ и СПЦ да се обнови и да се интензивира, и притоа да ги има предвид реалностите како и надежите и стремежите на верниците на двете цркви.

  На средбата, претседателот Иванов му честита на Вселенскиот патријарх за неговите иницијативи, активности и напори за обезбедување поголемо единство во православната екумена и за помирување на христијанството со другите религии и за таа цел ги поздрави неговите средби и контакти со Папата Франциск, но и со другите религиски водачи.

‎„Кога целиот свет со соочува со тешки предизвици, потребна е заедничка силна посветеност и заложба во одбраната на христијанските вредности и принципи, а кои настојуваме да ги споделуваме во духот на дијалогот и меѓусебната почит“, истакна македонскиот претседател.

 П‎ретседателот Иванов изрази задоволство од воспоставените односи на лично пријателство и меѓусебно разбирање, истакнувајќи дека средбите со Патријарх‎от Вартоломеј, секогаш се карактеризираат со отвореност, искреност и меѓусебно почитување. 

 
 
07.04.2016 - 10:40

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега