СДСМ наместо на избори излегува на улица - голем протест на 24 април?

Уличните протести се единствениот начин на СДСМ колку толку да опстане на политичката сцена. Очајниот рејтинг меѓу граѓаните, слабата организациска структура и недостатокот на капацитет партијата да произведе своја програма веќе десетта година во серија ја држат во опозиција и многу далеку од можноста било како да се доближи до власта.
Во такви услови, експертите очекуваат СДСМ да се сврти кон единственото што го знае а тоа е деструкција, улична демократија и обид за инсталирање во власта без избори.

-Сметам дека тие повеќе треба да се занимаваат со работа на терен, со пропагирање на политичка програма, со реформи во својата партија, бидејќи знаеме дека голем број на кадри кои беа многу квалитетни си отидоа од таа партија, така што тоа е најважно за да го зголемат рејтингот. Поради тоа, сметам дека опозицијата не сака да излезе на избори, бидејќи никогаш до сега во историјата не бил попрочистен избирачкиот список и се бараат разни изговори како што се медиумите итн. Сето тоа е поради оправдување на изборниот пораз кој треба да го доживеат на 5 јуни бидејќи рејтинзите го покажуваат тоа, вели политичкиот аналитичар Александар Даштевски.

Идентичен став има и политичкиот аналитичар Филип Петровски

„Бегањето од избори е единствената можност за Зоран Заев. Ако тој се појави на изборите знае дека ќе ги загуби. Во таков случај ќе ја загуби и позицијата во својата партија. Во спротивно, ако ги одложува изборите и не оди на нив, тој ќе ја задржи позицијата во партијата и затоа не му е проблем да ја продолжува кризата до недоглед. Затоа и постојано поставува нови и нови изговори. Најдобар пример за тоа е изборниот список. За Заев прво беа спорни 200 илјади, па 100 илјади, па 40 илјади гласачи, за на крај да дојдеме до илјада лица што се починати. Тоа најдобро ја покажува играта на Заев. Тој не смее да оди на избори затоа што ќе загуби со 200 илјади гласови разлика и нема друга можност за маневар освен да излезе надвор од институциите. Само ако Заев не излезе на изборен натпревар не може да биде поразен– вели Петровски

Сашо Клековски пак смета дека избирачкиот список никогаш не може перфектно да биде пречистен и додава дека во моментов притисокот на меѓународниот фактор е насочен врз СДСМ за да се појави на изборите

„Странците имаат свои претставници и цело време го мониторираат прочистувањето на избирачкиот список. Треба да разбереме дека не можеме да имаме перфектно прочистен список, тоа го нема никаде во светот. Меѓутоа да биде список што ја отсликува реалната состојба – да се види кои се починати, кои се преселиле во странство со цел да добиеме реална слика.
-Разликата во однос на април е тоа што ОБСЕ ја воспостави својата мисија за изборите. Тие во моментов го анализираат текот на работите. Фокусот на сите е ставен врз тоа како да се обезбедат услови за да има избори, а не на одлагањето на истите. Притисокот е паднат врз ВМРО ДПМНЕ И СДСМ да се договорат, иако во некои моменти ми се чини дека притисокот е повеќе насочен кон СДСМ“ – вели Клековски.

За протестите на СДСМ очекувањата се да биде задолжен соросвиот блок. Од овој табор воопшто и не кријат дека ќе ја играат улогата на „хепо коцка“ во целиот процес.

„Ако избори, сепак се случат, повеќе од јасно е дека тие ќе бидат бојкотирани, поништувани, делегимирани преку активна кампања од разни политички и граѓански субјекти, независно дали таа ќе се одвива под еден слоган или ќе извира од разни места паралелно. Пошироката заедница на демократски ориентирани граѓански организации е во постојана меѓусебна комуникација деновиве и ќе го соопшти својот став и план за акција околу евентуалните нерегуларни избори доколку тие бидат распишани на 15 април и се одржат на 5 јуни. До тогаш, сметам дека е можно поразумно решение, односно нивно одложување со цел да се направи темелна проверка и регулација на избирачкиот список, да се спречат партиите од власта да ги крадат државните ресурси за партиски изборни цели и да се овозможи нормален демократски амбиент меѓу гласачите и во медиумите“ - вели  за соросвиот Плусинфо Марјан Забрчанец од МОФ, една од т.н. невладини организации која инкасира најголеми средства од СОРОС.

Извори од опозициските партии преку медиумите на СОРОС порачуваат дека бојкотот на изборите значи дека нема да имаат кандидатски листи, нема да имаат членови на избирачките одбори, ниту пак партиски набљудувачи на процесот. Како можен датум за протест се споменува 24 април, но, како што велат, се ќе зависи од тоа што ќе се случи до крајот на неделава

 

Во владејчката ВМРО-ДПМНЕ официјално се воздржуваат од коментари. Неофицијално велат дека очекуваат СДСМ сепак да ги стави партиските интереси во втор план и да се појави на изборите. Меѓу функционерите на владејчката партија има и такви кои воопшто не веруваат дека СДСМ ќе се појави на изборите. Во неофицијални разговори велат дека рејтингот на Заев е толку слаб што вистинско чудо ќе биде ако влезе во изборната трка, бидејќи во овој момент, прашањето не е веќе дали СДСМ ќе ги загуби изборите, туку колкава ќе биде предноста на ВМРО-ДПМНЕ по 5 јуни.

Спикерот Трајко Вељаноски рече дека изборите ќе ги распише на 15 април. Опозицискиот лидер Заев денеска побара Вељаноски повторно да го свика парламентот за да му ја исполни желбата и да ги одложи изборите. 

Иако законот предвидува ваква можноста, политичките аналитичари се сомневаат дека мнозинството ќе се реши за ваков чекор.
Дека за ова нема апсолутно никакво расположение потврдуваат и во ВМРО-ДПМНЕ.

 
 
11.04.2016 - 21:55

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега