Коалиција „За подобра Македонија“: Избори на 5 јуни, ги охрабруваме политичките партии да учествуваат

 

Имавме отворена и продуктивна средба со коалициските партнери во врска со нашиот заеднички настап на изборите кои ќе се случат на 5 јуни. Разговаравме околу нашата програма која е во завршна фаза на подготовка, нагласи Никола Попоски, член на Извршниот комитет на ВМРО - ДПМНЕ, по денешната средба на лидерите на политичките партии од коалицијата „За подобра Македонија“.

Во овој период, нагласи Попоски, дискутираме и околу охрабрувањето на сите политички актери да учествуваат на еден конструктивен начин во оваа кампања која е многу значајна за Република Македонија.

Според него, секој ја носи одговорноста за своите одлуки во делот на упатувањето на вистинските пораки до гласачите, кои, рече, конечно ја имаат одлуката за иднината на Република Македонија.

На новинарско прашање дали дефинитивно остануваат на одлуката да има избори на 5 јуни и како го коментира повикот на Зоран Заев, лидер на СДСМ за бојкот на изборите, Попоски нагласи дека нема и не може да има каква било дискусија околу датумот на изборите кој е одлучен од Собранието на Република Македонија и загарантиран со Устав и закон.

- Во тој правец избори ќе има на 5 јуни и ги охрабруваме сите актери, сите политички партии во Република Македонија активно да се ангажираат, да учествуваат, да ги убедат граѓаните дека нивната опција е најдобрата и конечно да ги спроведеме изборите и да се концентрираме на тоа што е најзначајно за граѓаните на Република Македонија во следниот период, рече Попоски.

Прашан дали смета дека повторно ќе влеземе во криза доколку опозицијата евентуално не учествува на изборите, Попоски дециден дека секој политички чинител во Македонија има услов и избор да учествува или да не учествува. Воедно, истакна, со одлуката ги носи и сите последици кои одат со неа.

- Според сите параметри многу е јасно и недвосмислено дека учествувањето на изборите е начинот на кој може да се учествува во градењето политиката во следниот период. Така е во која било држава и секој кој верува во функционирање на демократска земја мора да учествува на избори и на тој начин да се избори за своите позиции. Околу ова не треба да оставиме никаква дилема, појасни Попоски.

Прашан дали сепак ќе останат на ставот за избори на 5 јуни  и доколку ДИК се изјасни оти нема време да се прочисти Избирачкиот список, Попоски потенцира дека ДИК е институцијата која ги спроведува изборите во Република Македонија, а според Уставот и закон е следена процедурата според која ќе се случат изборите на 5 јуни односно веќе имаме распуштен Парламент.

- Се што се однесува на оперативното спроведување на овие мерки е во надлежност на ДИК. Владата одговорна за спроведување на изборите е целосно расположена да помогне во кој било дел, но крајната одговорност ја носат институциите во РМ. Мислам дека не треба да имаме никакво размислување околу тоа дали може или не бидејќи сите ние имаме опис и попис на работно место, а описот и пописот на функцијата на ДИК е да спроведеме избори во РМ. Сите останати институции треба да бидат во функција на олеснување на спроведување на овие избори, изјави Попоски.

Во однос на прочистувањето на Избирачкиот список и со тоа можноста на одложување на изборите, тој смета дека не треба да имаме никаква дилема, затоа што, подвлече, еднаш веќе беше одложен датумот на спроведување на избори врз основа на тоа дека е потребен дополнителен период. Овој дополнителен период, потсети, беше ставен на располагање.

- Ние сме во фаза во која треба да биде јасно дека на 5 јуни ќе има изобри, а секој има избор дали ќе учествува или не. Ние ги охрабруваме сите политички чинители да земат учество во оваа трка и граѓаните да бидат тие кои ќе одлучат каков состав ќе има идниот Парламент и каква ќе биде идината влада. Друга алтернатива освен спроведување на избори и давање на мандатот на граѓаните да одлучат по овие прашања не гледам, рече тој. 

Владанка Авировиќ истакна дека Социјалистичката партија на РМ останува активен член во оваа коалиција и апелира сите политички субјекти да пристапат многу сериозно кон овој изборен процес бидејќи тој е еден од најзначајните во РМ. Граѓаните, подвлече, заслужуваат да имаат фер, слободни и демократски избори.

Во името на Партијата на обединети демократи (ПОДЕМ) Живко Поповски изјави дека никој не треба да очекува одлагање на изборите, како што тоа го кажува опозицијата затоа што тоа не го дозволува ниту Уставот, ниту законот за организирање на изборите. Ја повика опозицијата да ги преиспита своите одлуки бидејќи само со настап на изборите ќе придонесат за подобро утре за Република Македонија.

И лидерот на ГРОМ Стевчо Јакимовски смета дека изборите треба да се одржат на 5 јуни за потоа  да можат да се отворат, односно да се работи на решавање на сите важни прашања за граѓаните на РМ. - Секој ќе биде одговорен субјект, како политички чинител во РМ и ќе носи одлуки во интерес на РМ, во спротивно, рече тој, ќе најде на историска осуда од страна на политичката јавност во РМ.

- Се чувствува  дека овие 30 - тина дена работат во ДИК и до крај треба да ги засукаат ракавите. Нивниот обид за опструкција на овие избори во 2016 година е очигледно неуспешен, ниту е поддржан од граѓанството, што се гледа од рејтинзите, ниту е поддржан од меѓународната заедница. Тоа значи дека ќе се оди на избори и повеќе од јасно е дека не постојат фантомски гласачи. Убеден сум дека сите маски на ДИК, како продолжена рака на опозицијата веќе се паднати, изјави Јакимовски

 
 
12.04.2016 - 15:40

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега