Иванов: Македонија не смее да биде предмет на пазарење и уцени
Ова што ѝ се случува на Македонија не е наша игра. Ова е туѓа игра. Нелегално да се снима целиот државен врв, новинари, медиуми, дипломати и сето тоа потоа како фабрикуван материјал да се стави во рацете на еден човек, со силна поддршка да го користи тоа, и сѐ што се случуваше потоа, јасно укажува дека некој друг сериозно има замешано прсти во креирањето на оваа криза. Впрочем, Македонија не е ни прва, а веројатно ни последна држава на која ова ѝ се случува, истакна денес во своето обраќање претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов кој донесе одлука со која се извршува општ прекин на сите постапки меѓу политичарите и нивните соработници или поддржувачи, од спротиставените страни.
-Ова што ни се случува не е во интерес на никој во Македонија. Ова е нечиј туѓ интерес. Ваквата криза никому не му помогна во земјата. Ниту на власта, ниту на опозицијата, колку и да се имаше такви очекувања. Но оваа криза сериозно ѝ наштети на Македонија и на сите наши граѓани. И наштети на угледот на земјата, и наштети на забавувањето на реформите и напредокот, на фокусираноста на стратешките цели за членство во ЕУ и НАТО, и наштети на економијата, на продлабочувањето на поделбите во секоја пора на општеството, на радикализација на политичките структури, на деструкција која веќе никој не може да ја контролира или претпостави. Никој не може да ме убеди дека оваа криза е интерес на Република Македонија, посочи Иванов.
Тој додаде дека оваа криза е за нечиј туѓ интерес и за нечии туѓи цели и интереси.
-Некој кој сака нешто да постигне. Некој кој сака преку завојуваните политичари, политички лидери и нивни поддржувачи, да оствари своја цел, потенцираше шефот на државата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа