Груевски ги повика бразилските компании да инвестираат во Македонија

 

Владиниот тим, предводен од премиерот Никола Груевски, вчера на бизнис-форум во градот Куричиба, федерална држава Парана, Бразил, ги презентира поволностите кои Република Македонија ги нуди на странските инвеститори.

Премиерот Груевски имаше средба со раководниот менаџмент на Стопанската комора на Парана, организатор на бизнис-форумот, на кој присуствуваа претставници на компании од областа на информатичките технологии, агробизнисот, земјоделството и туризмот.

- Бразил е голема економија, а бразилските компании се повеќе стануваат големи играчи на светските пазари. Има многу бразилски компании кои ги имаат надминато границите на Бразил и Јужна Америка и бараат нови пазари во Европа и други делови на светот. Ние се обраќаме на тие компании, доколку сакаат да влезат на пазарот на Европа, Република Македонија со поволностите кои ги нуди е вистинската дестинација за таков исчекор. Во мојата земја бизнис-компанија може да се отвори само за 4 часа, процедурите за градење на објектот се реализираат во три наместо во поранешните 21 чекор, а државата дава и државна помош за изградба на капацитетот во вредност до половина милион евра, ги посочи македонскиот премиер брзите процедури и поддршката која им се дава на странските компании.

Вицепремиерот Ставрески посочи дека Македонија може да се искористи како дестинација од која бразилските компании би можеле со свои капацитети да ги покријат и брзорастечките пазари на Русија, Турција и арапските земји.

- На тој начин значително ќе се намалат трошоците на компаниите за транспорт, кои претставуваат значаен дел од вкупните трошоци на производите, а нема да имаат и обврска за плаќање на данок на додадена вредност и царини за инпутите во производството кои ќе ги користат за изработка на своите производи кои одат за извоз, истакна вицепремиерот Ставрески.

Владината делегација го продолжува престојот во Јужна Америка со посета на Аргентина, каде што во главниот град Буенос Аирес ќе бидат остварени повеќе политички и економски средби и настани, информира прес-службата на Владата на РМ. 

најчитано сега