Преку земјоделските советници до поголема вредност на земјоделството
Земјоделските советници, проектот што неодамна го најави лидерот на ВМРО ДМПНЕ Никола Груевски, дополнително ќе влијае на развојот на земјоделскиот сектор.
Оваа позиција ќе биде регулирана со закон. Советниците ќе бидат лиценцирани, а за да дојдат до лиценца, покрај завршен земјоделски факултет, ќе треба да положат и стручен испит, но и да имаат познавања од земјоделска економија. Лиценцата ќе има важност од 7 години, по што следува нов испит.
Надоместот односно платата на земјоделските советници ќе се финансира од буџетот, а ќе зависи од бројот на земјоделци што ги користат услугите. Тој ќе варира ако земјоделците поради неуспешни потези преминат кај друг советник. Ќе биде ограничен и бројот на земјоделци како клиенти на еден советник.
Министерството за земјоделство ќе има увид во секој совет што земјоделецот го добил од својот советник кој најмалку 4 пати во годината ќе има обврска да го посети клиентот.
– За да сме сигурни дека ги следат најновите, најсовремени земјоделски практики, ќе треба да имаат солидно познавање на англискиот јазик за да следат странски медиуми каде што се објавуваат најновите научни истражувања во земјоделието за да можат да ги разгледаат и да им ги соопштат, изјави Груевски.
Експертите сметаат дека покрај бенефитот во земјоделството овој проект ќе го зголеми и интересот за земјоделскиот факултет. Платата на земјоделските советници во првите пет години ќе се финансира од буџетот, а потоа и земјоделците со мало учество. На сметка на државата советниците ќе имаат обврска да посетуваат најмалку и четири семинари годишно со најдобри професори во светски рамки. Советниците ќе можат да ангажираат и свои асистенти, но одговорноста и потписот од терен ќе ја има единствено носителот на лиценцата.
Со законот исто така ќе бидат регулирани и контролата и надзорот над нивната работа, но и санкциите во случај на грешка. Советниците ќе имаат можност да формираат и Комора на професионални земјоделски советници.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа