Сарачини во работна посета на Косово
Денеска министерот за економија Ваљон Сарачини ќе престојува во еднодневна работна посета на Косово каде ќе се сретне со косовскиот министер за инфраструктура Феми Мујота, со министерот за економски развој Фадил Исмаили и со министерот за финансии Бесим Беќај.
На средбите ќе се разговара за актуелните и идните проекти кои ќе придонесат за интензивирање на соработката меѓу Македонија и Косово.
Во 2011 година трговската размена меѓу Македонија и Косово изнесувала 576,9 милиони американски долари со суфицит на македонска страна од 504,8 милиони долари. Во 2012 година размената достигна до 420,8 милиони долари, а суфицитот опадна на 363,8 милиони долари. Во првите пет месеци од годинава трговската размена изнесува 122,4 милиони долари и се бележи суфицит од 99,9 милиони долари. Најмногу од Македонија во Косово се извезува нафта и нафтени деривати.