Иновативните компании – двигатели на развојот
Се зголемува државната помош за иновативните компании, за компаниите кои внесуваат новитети во македонското стопанство, нови технологии и процеси на работа.
Фондот го објави и третиот повик за финансирање проекти, преку инструментот за кофинсирани грантови за новоосновани старт-ап и спин-оф компании, анализира Лидер.мк.
-Се поддржуваат компаниите кои реално најтешко обезбедуваат средства и најтешко доаѓаат до финансии од комерцијалните банки. Сметаме дека Фондот за иновации има позитивна улога за старт-ап компаниите, вели извршниот директор на ССК, Митко Алексов.
Македонските фирми се иновативни, велат од бизнис-заедницата, но досега главен проблем биле финансиите. Оние кои добија пари од Фондот сметаат дека поддршката е многу важна за развој на иновативните бизниси.
-Оваа поддршка е многу значајна за старт-ап компаниите во Македонија, ќе им овозможи да се фокусираат на развој на производите и на иновациите. Овие средства ни се од корист за забрзан раст и развој на нашата компанија, вели Никола Бојков, еден од корисниците на парите од Фондот.
Третиот јавен повик трае 60 дена, ќе се поддржат проекти на 15 фирми со вкупно 450 илјади евра.
-Она што ќе го поддржуваме и оваа година се микро, мали и средни претпријатија кои постојат најмногу шест години и кои имаат иновативен проект, вели директорката на Фондот, Јасмина Поповска.
Инструментот е наменет за финансирање на новоосновани, микро, мали и средни претпријатија, регистрирани во Република Македонија, со цел поттикнување на иновативноста кај компаниите, имплементирање на иновативни решенија и поддршка на фирмите со висок потенцијал за раст.
Кои се условите за парите од третиот повик на Фондот?
За третиот јавен повик на Фондот за иновации и технолошки развој, преку инструментот за поддршка – кофинансирани грантови за новоосновани старт-ап и спин-оф компании, вкупно се обезбедени 27.762.750 денари, односно 450 илјади евра. Јавниот повик трае до 1 август.
-Компаниите ќе се стекнат со можност да остваруваат дополнителен профит, со што се придонесува и за развојот на самата компанија и за општиот економски развој на државата, објаснува портпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев.
Со парите се обезбедува финансирање на најмногу 85% од вкупниот буџет за проектот, со максимален износ од 30.000 евра. Другото треба да го покрие апликантот. При селекцијата се оценуваат степеност на иновативност, квалитетот на проектот, капацитетот на проектниот тим, потенцијалот и влијанието на пазарот.
Можат да аплицираат сите микро, мали и средни претпријатија од сите индустрии и сектори.Трговското друштво треба да е основано согласно Законот за трговски друштва и регистрирано во Централниот регистар. Бидејќи се работи за поддршка на микро, мали и средни претпријатија, треба да брои најмногу до 250 вработени. Да се работи за фирма не постара од шест години, во македонска сопственост, со годишни приходи кои не надминуваат милион евра, да нема акумулирано повеќе од 200 илјади евра помош за период од три фискални години, да не е капитално поврзана со друго претпријатие, каде што збирните приходи надминуваат милион евра, да не е во финансиски потешкотии. Времетрањето на проектите финансирани под овој Инструмент може да биде до 12 месеци, а под оправдани околности, проектите можат да бидат продолжени за дополнителни 6 месеци.
Досега беа објавени два повика за финансирање нови идеи и иновации, со кои беа финансирани 33, претежно млади компании, со вкупна вредност од 1,3 милион евра.До крајот на годинава планираме уште еден повик со кој ќе заокружиме вкупна сума од 2.650.000 евра поддршка во оваа година за овој тип на проекти. Нашиот план е во 2017 година вкупната поддршка да изнесува 10 милиони“ – вели премиерот за спроведување на изборите, Емил Димитриев.
Што се финансира преку Фондот?
Освен кофинансирани грантови за новоосновани старт-ап и спин-оф компании, преку Фондот се пласираат средства и преку конфинансирани грантови и условени заеми за комерцијализација на иновации, за трансфер на технологии, за деловно – технолошки акцелератори. Кај поддршката за комерцијализација, инструментот е отворен за сите микро, мали и средни претпријатија, а можна е соработка и со друго претпријатие или научна установа.
Кај грантовите за трансфер на технологии е можно да се формира конзорциум од микро, мали и средни фирми, научни установи, кластери, бизнис – здруженија, стопански комори.
За техничка помош преку деловно – технолошки акцелератор, максималниот износ за оперативните трошоци, хонорар за менаџирање и за финансирање на акцелерираните претпријатија е до 500 илјади евра. Акцелераторот, освен техничка и логистичка помош, обезбедува финансии до 22 илјади евра по проект и дополнителни 72 илјади евра, за најдобрите претпријатија.
-Во најголемите и најуспешните економии, иновациите се двигателот на развојот на економијата и на отворањето нови работни места. За жал, во минатото тоа кај нас беше запоставено, беше ставено на маргините на општеството, со едно сериозно отсуство на самодоверба дека и ние можеме да направиме иновации коишто ќе бидат конкурентни на меѓународно ниво. Тоа беа причините за формирање на Фондот кој е добро екипиран и има меѓународен борд на експерти кои ги оценуваат иновациите, објаснува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
Иновациите го менуваат бизнисот!
Вложувањата во иновации ја зголемуваат конкурентноста на компаниите, а со тоа се зголемува конкурентноста на целата економија. Бизнисмените треба да ја стимулираат иновативноста и да вложуваат во истражувања, бидејќи тоа носи зголемен профит – велат економистите.
-Иновативните претпријатија имаат за 15% побрз раст на продажбата од неиновативните, за 8% побрз пораст на продуктивноста и на конкурентноста, побрз пораст на платите. Иновацијата дава натпросечен профит, советува академик Таки Фити.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа