Ненад Новковски: Ќе го ослободам УКИМ од сите стеги

Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ на 27 јуни ќе избира нов ректор кој ќе ја води најгололемата високо-образовна институција во Македонија.

Во финалниот круг останаа двајца кандидати, професорите Никола Јанкуловски и Ненад Новковски. Прес24, ќе се обиде преку интервјуа да ви ги пренесен нивните ставови и размислувања за иднината на УКИМ.

Ненад Новковски е професор на ПМФ и поранешен Министер за образование.  Во интервјуто за Прес24, вели дека има сосема спротивни ставови и позиции од неговиот противкандидат, Јанкуловски.

- Јас го застапувам пристапот за растење на УКИМ до институција од висока категорија, што обично се мери со влегувањето во првите петстотини универзитети според релевантни светски сервиси за рангирање, преку негување на науката во главниот тек, вели Новковски во интервјуто за Прес24.

За тоа како планира да го врати угледот на Универзитетот, го посочува својот пример.

- Досегашниот менаџмент се грижеше само за тоа како ќе си оствари бенефиции за себе и со тоа даваше пример за многумина да се грижат за себе а не за УКИМ. Со тоа што прво ќе работам како што треба и во интерес на УКИМ, ќе имам право на сите што грешат да им укажам и да побарам од нив да се поправат. Тоа ќе стане систем, вели Ненад Новковски,  кандидатот за Ректор на УКИМ.

 

ПРЕС24:Вие и професорот Јанкуловски останувате во траката за избор на нов Ректор на универзитетот „Св. Килирил и Методиј“. Во што се разликува Вашата, од програмата за развој на Универзитетот на Вашиот против кандидат?

НОВКОВСКИ: Нашите позиции се директно спротивставени. Јас го застапувам пристапот за растење на УКИМ до институција од висока категорија, што обично се мери со влегувањето во првите петстотини универзитети според релевантни светски сервиси за рангирање, преку негување на науката во главниот тек. Тоа јас го пројавувам со својот личен пример со над 50 труда во списанија со импакт фактор од подрачјето на фундаменталните науки и највисоките технологии, негувањето на тимската истражувачка работа како резултат на којашто моите докторанти обично докторираат со повеќе трудови во списанија со имапакт фактор отколку што се вообичаните бројки кај нас за избор во редовен професор, меѓународната соработка во којашто спаѓа и престој како поканет професор на еден од првите 50 универзитети на светот во физиката, поттикнувањето на научна дејност што го покажав и како министер кога издвојвауњата за наука беа на највисоко ниво од кога и да е, наспроти отпроите на тогашниот министере за финансии.

Од друга страна, јас сум целосно посветен на изградбата на универзитетот во духот на Болоња, каде што професорот е во центарот на автономијата и каде што се очекува сите ресурси за негово дејствување да му бидат достапни како на единка. Цело време ја бранам основата на современата автономија, којашто е основа за раст на универзитетот кон таков од висока категорија, што се состои во слободата на творештвото, автономијата на изборот на методологијата на истражувањето и наставата. Во овој момент таа автономија е загрозена од власта, а концепцијата на мојот противкандидат е во насока на онаа на власта. Тука не станува збор за некое апстрактно разбирање на автономијата туку за главните вредности што водат до висок квалитет. Со сегашниве политики на власта се прави обид да се наметне дејствување на високообразовните институции како стручни високобразовни а не како академски, што за многу помалин универзитети може да биде од интерес, но за УКИМ претставува катастрофа. Таквите универзитети се подобри за непосредните интереси на постојниот пазар на трудот, но не нудат иднина на развој во економија со висококонцнтрирано знаење, како примерите со Швајцарија, Тајван, Јужна Кореја и сл. што јас ги следам. Во таа насока сум жесток противник на обидот за воведување на т.н. „државен испит“, којшто власта се обидува сосила да го наметне, а не постои на ниту едно друго место и служи само за вршење на притисок врз професорите да бидат послушни кон власта. Со оглед на тоа дека академската заедница јасно се спротивстави на намерата за воведување таков испит, очекувам да добијам огромна поддршка од сенаторите што ги претстауваат сите професори и студенти а не одредени интересни групи.

ПРЕС24:  Она што многумина го ветуваа во речиси секој избор за Ректор е темата за враќање на угледот на Универзитетот Свети Кирил и Методиј. Како планирате тоа да го направите? И до кое ниво е нарушен угледот на Универзитетот?

НОВКОВСКИ: Веќе видовме како се влегува со калашљикови на територијата на УКИМ, како власта плаќа реклами за да се кажува како се корумпирани професорите, иако во оваа држава, како и обично, најкорумпиран е врвот на власта што ги плаќа тие реклами и многу други ужаси.

Јас угледот на УКИМ ќе го вратам преку мојот личен пример. Досегашниот менаџмент се грижеше само за тоа како ќе си оствари бенефиции за себе и со тоа даваше пример за многумина да се грижат за себе а не за УКИМ. Со тоа што прво ќе работам како што треба и во интерес на УКИМ, ќе имам право на сите што грешат да им укажам и да побарам од нив да се поправат. Тоа ќе стане систем. Истото се однесува и за дејствувањето на главниот план – научно-остражувачката дејност; јас со совојот пример на посветен научник ќе ги мотивирам сите други многу повеќе да вложуваат на тој план, а како менаџер ќе привлечам многу средства што ќе им стојат на располагање за истражување и унапредување на наставата. Тој свој капацитет го покажав како министер кога издвојувањата за наука беа највисоки а средствата и во најтешки услови привлекувани за потребите на образованието и науката од најсилните меѓународни институции што го поддржуваат овој сектор.

ПРЕС24:  Кое првото прашање на кое ќе почнете да работите ако станете Ректор?

НОВКОВСКИ: Како прво ќе го ослободам УКИМ од сите стеги, почнувајќи од неефикасната организација, наметнатите норми што го кочат развитокот и слично. Во таа смисла, ќе се воспостави ефикасна упростена администрација, Шкалата за докторски студии ќе стане незадолжителна, ќе има заеднички студентски прашања и што е најважно ќе бидам отворен за контакти кон сите професори и студенти.

ПРЕС24:  Со оглед на тоа дека изминативе неколку години во академската јавноста имаше многу негодувања за некои потези на власта во поглед на работата на Универзитетите, како Вие ќе се поставите во идните релации со извршната власт?

НОВКОВСКИ: Позицијата на Ректорот на УКИМ е изразено силна во овој систем. Тоа е личност што мора да биде високо респектирана од секоја извршна власт. Спротивното може да се случи само ако некој се откаже од тоа или ако има некои ограничувања. Затоа и се јавувам да спречам да биде избран некој што е во директна врска со власта и од свои причини нема да се постави онака како што треба. А сите противкандидати беа дел од актуелниот универзитетски менаџмент и поврзани со структурите на власта. Со својот авторитет како Ректор и углед како професор, препознатливост во меѓународната научна заедница и чистите ставови, ќе успеам да убедам која и да било власт да го почитува УКИМ како најзначаен дел од нашиот систем на високо образование, столб на државата и мотор на развитокот. Тоа го научив од моите колеги физичари што го кренаа ЕПФЛ во најдобрите на светот, колега од Бугарија којшто успеа да ги убеди властите да не ставаат рака врз сопствените приходи, од Романија и Турција каде што стари универзитети кренаа високо а нови создаваат и покренуваат напред со висока брзина. Тоа ќе го постигнам како застапник на моќна сила од три илјади автономни професори, со поттикнување на нивната слобода на творештвото, академската автономија, спротивно на досегашното нејзино кочење. Зад мојата позиција стојат моите заслуги во сите сфери што никој сериозен човек нема да може да ги негира: цврстото дејствување за самостојна Македонија и првата програма за развитокот на науката и обрзованието во самостојна Република Македонија од времето кога многумина што сега се декларираат за патриоти не смееја да помислат на независна држава, создавањето на Визијата за развој на образованието и науката до 2050 година, прифатена од релевантниот меѓународен фактор, водството во создавањето на единствената досега стратегија за развој на образованието 2001-2010 година, првзта програма за научно-технолошки развој, почетокот со изградба на првиот центар на трансфер на технологии што наредните власти и универзитетски менаџменти не беа во состојба да го продолжат од незаинтересираност и во обид да ги прикријат моите постигања.

Со мојата безрезервна определба за Болоњскиот процес, потврдена меѓу другото со тоа што ја поднесов апликацијата за пристапување и ја добив потврдата за прифаќање на апликацијата во 2002 година под името Македонија, имама силна позиција како дома така и пред ЕУ за поддршка и привлекување ресурси од фондовите на ЕУ. Покрај тоа,

Ќе се отвори и патот за директна поддршка од пријателските земји Холандија, Германија, Швајцарија, коишто биле и се подготвени да дадат голема помош за македонското високо образование. Спротивно на ова, ректор којшто е јасно идентификуван како поврзан со актуелната власт којашто ги направи најголемите застои што можат да доведат до губење на препораката за членство во ЕУ, сигурно нема да биде прифатен со раширени раце.

ПРЕС24: Законот за високо образование останува отворено прашање, особено по договорот дека треба да се прави нов закон. Каков е вашиот став во поглед на тоа и што сметате дека е неопходно да се регулира со тој закон?

НОВКОВСКИ: Јас имам многу реалистична позиција за овој проблем. Сегашнава состојба е следнава: со вметнувањето на одредби од клиентелистички и други побуди во основа многу добриот закон е доведен до ужасна состојба. Најдобро би било да се напише нов закон, но тоа нема да биде реалистично од повеќе причини. Како прво, никогаш повеќе нема да има толку силно парламентарно мнозинство што ќе може без проблеми да донесе нов закон и условувањата од сите страни ќе бидат толку силни што ќе го запрат. Она што може и треба да се направи е да се избришат сите додадени одредби коишто ја уништуваат изворната смисла на законот – клинички професори без докторат, државен испит, излегување од системот 3+2 или 4+1 за првиот циклус, неосновани глоби за професорите  и сл. Тоа може да го напрви најдобро техничка влада во преодниот период којшто следува, затоа што нема да биде оптоварена со партиски и други интереси.

ПРЕС24: Вие бевте министер за образование, се обидовте да спроведете некои реформи, но бевте жестоко критикувани. Денессте на иста страна со оние кои што Ве критикуваа во критиките против актуелната власт, која исто така се обиде да воведе реформи во високото образование. И Вас Ве обвинуваа дека ја рушите автономијата, аи денес обвинувањата се исти, само што денес и Вие ги делите тие позиции. На што се должи таа промена на ставови?

НОВКОВСКИ: Во прашањето имате голем број неточни тврдења, што е зачудувачки за еден искусен новинар што ја познава проблематиката. Вие многу добро знаете дека јас ги спроведов најголемите реформи што беше признаено со прифаќањето на апликацијата за Болоњскиот процес во 2002 година. Знаете и дека имаше и забележителни отпори и од каде доаѓаа тие – главно од лица што се биски на ова власт – еден од нив што беше главен заговарач за протести (што не се случија) беше делегат на последниот срамен Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ каде што невидените криминали за коишто се посочуваат раководните структури на партијата не беа ниту ставени на дневен ред. Друг беше долга низа години амбасадор на Република Македонија во сеседни земји. Трет е уште проректор на УКИМ а претендира да биде проректор и ако биде ректор кандидатот што е тесно поврзан со врвот на сегашнва власт.

Многу Ви е јасно дека јас не делам такви исти позиции, туку дека се случи обратното – тогашната опозиција дојде на моите ставови за прашањата на високото образование, за разбирањето на автономијата како автономија на професорите а не автономија на ректорите. Тогашната главна разлика е надмината – мојот предлог за Совет за високо образование против којшто тогаш имаше отпори е широко прифатен од СДСМ после неколку години, со тоа што тие не успејаа  да го воспостават и тој сега не функционира. Спротивно на освестувањето на левицата, во актуелната десница се случи ретрограден процес и наместо да се следат правците што јас ги воспоставив се воспоставија приоди што имаат за цел да го уништат УКИМ. Ова најверојатно се должи на промените на раководните структури – едно ново раководство што подобро ги застапува интересите на развитокот на Македонија и друго каде што промените довеле до интереси спротивни на интересот на демократскиот и општо општествен развиток, што последнава година стана евидентно за целата светска јавност. Да потсетам дека и тогаш јас немав поддршка од моите колеги од владата на ВМРО-ДПМНЕ, најверојатно затоа што тие и тогаш ги застапувале ретроградните ставови што сега дојдоа до израз.

Најпосле, опозцијата секаде има легитимно право да се спротивставува на власта дури и кога не е право. И тогаш и сега се спротивставувале на власта. Со таа разлика што сега не станува збор за лобирање од страна на одредени моќни кругови од академската заедница против предлозите на министерот, туку за сеопшт отпор против ужасните постапки на власта што го уирваат УКИМ, носечкиот столб на маедконскиот национален идентитет, отпор зад којшто не стојат тесни интересни групи туку огромен дел од академската заедница и поироко од целата популација.

ПРЕС24:  Студентите се еден од најзначајните сегменти во восокообразовниот процес. Имате ли предвидено, планирано некои конкретни мерки кои би им ги олесниле административните пречки во студирањето?

НОВКОВСКИ: Во програмата многу јасно е напишано дека ќе се направи современ инегриран систем којшто ќе ги елиминира сите тие непотребни усложнувања што сега се јавуваат. Се што може да биде упостено ќе биде упростено. Јас тоа сум го покажал на сите места каде што бил раководител, со спроведување на детална реорганизација, како на пример во МОН, што претходно беше механички спој на разни помали институции од времето на социјалистичкото самоуправуавње и новите додадени во меѓуверме. Таа нова систематизација јас во 2002 година посебно ја претставив на прес конференција, во присуство на голем број меѓународни претставници и видни личности од образованието и науката, но таа за жал не доби публицитет поради строгата контрола на медиумите коишто не јавија ништо за тој настан иако сите беа присутни. Интересна е позицијата на ТВ Сител којшто во тоа време ме игнораше во поддршка на тогашното раководство на СДСМ а последнава деценија во поддршка на сегашново раководство на ВМРО-ДПМНЕ.

ПРЕС24: Прашањето за корупцијата во Високото образование е вечна тема, но овој пат има и судски процес против неколкумина професори. Дали ако станете Ректор ќе имате моќ да влезете порешително во борбата против корупцијата?

 

НОВКОВСКИ: Јас веќе изнесов јасна позиција дека против сите нерпавилности ќе се борам со личниот пример. Прво што ќе направам е воспоставување на јасни критериуми кому што му следува за неговиот придонес и ќе се однесувам строго спрема тоа. Познато е дека како министер разрешив многу директори заради неправилности. Многумина жестоко реагираа а некои и недес поради тоа настапуваат против мене, иако никој од нив на суд не докажал дека погрешно бил сменет. Со воспоставувањето на систем на правилно наградување, со привлекувањето на ресурси за секој којшто сака да работи, да истражува и да модернизира настава, ќе се создаде амбиент каде што самата академската заедница ќе го отфрла оној којшто ќе постапува неакадемски и ваквите појави ќе се сведат на споредни инциденти. 

 
 
20.06.2016 - 10:22

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега