Иванов: Брисел не стои зад изјавата на Самарас

 

 

Денешниот настан во Брдо кај Крањ покажа дека Брисел не стои зад изјавата на грчкиот премиер Андонис Самарас, оти ЕУ, а не Грција ја блокира Македонија, оцени македонскиот претседател Ѓорге Иванов.

Одговарајќи на новинарско прашање за тоа каков одговор добил од францускиот претседател Франсоа Оланд зошто има молк од Брисел во поглед на Македонија, претседателот Иванов рече дека „тој молк го прекинал Оланд кој на прес-конференција најави дека Франција ќе направи се за да може Македонија со Грција да најде решение на она што е наша пречка за интеграциите“.

- Со самото тоа што претседателот Пахор и претседателот Јосиповиќ и тоа што го зборуваше претседателот Оланд кажаа за нивните настојувања и желбите регионот да се интегрира, кажува дека Брисел не стои зад таа изјава на господинот Самарас, истакна Иванов, одговарајќи на прашање по завршувањето на состанокот на лидерите од Брдо процесот во Брдо кај Крањ.

На предлог на претседателот Иванов во заклучоците од состанокот на лидерите од Брдо процесот се вметнати две точки според кои, правно-обврзувачките договори претставуваат основа за заедничка иднина во рамки на ЕУ и дека отворените прашања можат да бидат решени врз основа на отворен политички дијалог преку почитување на преземените меѓународни обврски и одговорности.

Во рамки на денешниот состанок во Брдо кај Крањ, министрите за надворешни работи на Македонија и на Словенија Никола Попоски и Карл Ерјавец потпишаа Меморандум за меѓународна развој на соработка меѓу владите на двете земји.

На состанокот инициран од претседателите на Словенија и на Хрватска, Борут Пахор и Иво Јосиповиќ присутвуваа и претседателот на Франција, Франсоа Оланд, како и претседателите на Албанија, Косово, Црна Гора, Србија, Бујар Нишани, Атифете Јахјага, Филип Вујановиќ, Томислав Николиќ, како и членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељко Комшиќ, Небојша Радмановиќ и Бакир Изетбеговиќ.

На состанокот учесниците ги опфатија клучните проблеми и можностите на регионот во контекс на интеграцијата во ЕУ

ФОТО: МИА

25.07.2013 - 17:54

најчитано сега