Ахмети и Тачи со најмногу изостаноци во Собранието

 

Околу 58 илјади евра останале во касата на Собранието на Република Македонија како резултат на бојкотот на пратениците од опозицијата. Пресметката е направена врз основа на просечната пратеничка плата од 60.000 денари не земајќи ги предвид приходните што нарoдните избраници би ги добиле по основ на присуство на комисиски седници и друго. 

Пратениците од опозицијата за време на бојкотот, кој беше прекинат по мартовскиот договор, не присуствувале на 12 седници. Формално пратениците од опозицијата сега не го бојкотираат Парламентот, но, генерално, не доаѓаат на пленарните седници.  

Поради бојкотот на опозицијата на почетокот на годината кој потоа се претвори во тивок бојкот, се зголеми листата на пратеници кои не се јавиле за дискусија. Во изминатите шест месеци не дискутирале дури 73 пратеници, а на ниту една седница не присуствувале 39 народни избраници.   

Во периодот од јануари до јуни оваа година во дванаесетото издание на „Мојот пратеник“, кој претставува збир на податоци за работата на пратениците во законодавниот дом, се одржани вкупно 14 седници. На 10 седници пратениците изгласале 122 закони од кои 64 од економска област, 21 од политички систем и 37 од јавните дејности. Одржани се и три седници посветени на пратенички прашања, а имало и едно обраќање. Незавршени се две седници.

Меѓу пратениците кои имаат најмногу оправдани отсуства од пленарните седници повторно на врвот на листата се Али Ахмети, лидерот на ДУИ и Мендух Тачи, лидерот на ДПА. По него се Ристо Манчев, Тито Петковски, Рафет Мумировиќ, Фијат Цаноски, Јани Макрадули, Ана Павловска Данева и други.

Во изминатите шест месеци најмногу пратенички прашања на седниците поставиле Беким Фазлиуи Орхан Ибраими од ДПА по 8, потоа следуваат Владимир Ѓорчев и Јордан Пачков од ВМРО-ДПМНЕ. Најголем број предлог-закони поднел пратеникот Илија Димовски - шест, а зад него е Силвана Бонева и Александар Николовски исто така од ВМРО-ДПМНЕ. Најмногу амандмани имаат поднесено пратениците Весна Пенова, Јордан Пачков и Ирфан Деари.

Ивон Величковски од Либералната партија кој единствен од македонскиот опозициски блок дебатира на парламентарните заседанија, е пратеникот кој најмногу се има јавено за дискусии во изминатите шест месеци. Зад него се Лилјана Затуровска, Беким Фазлиу и Газменд Алии. Величковски исто така ја предводи листата на пратеници кои имаат најголем број реплики, односно контрареплики на седниците. Втор на оваа листа е Газменд Алиу, а зад него се Сузана Селиу, Орхан Ибраими и други.

Пратениците Беким Фазлиу, Ивон Величковски, Ермира Мехмети и Имер Алиу имаат најголем број процедурални интервенции

26.07.2013 - 13:43

најчитано сега