Стопански Комори: Капиталните инвестиции се од огромно значење за компаниите

 

Развој на инфраструктурата е од огромно значење за секоја држава и затоа Владата ќе има силна поддршка од бизнис-заедницата за сите економски политики во тој правец. Ова е ставот на стопанските комори по средбата со министерот за финансиии Кирил Миновски. Тие освен за капиталните инвестиции даваат поддршка за прашањата поврзани за инвестициите, како и поддршка на извозните компании, пишува Лидер.

“Изведбата на инфраструктурните проекти е приоритет за стопанството и верувам дека работите тука ќе продолжат. Во овој момент во стопанството е максимално важно да се задржи ликвидноста на компаниите и да се поддржат извозните компании. Затоа во следниот период ќе ги поддржуваме сите економски политики кои се во насока на поддршка на извозните компании, реализација на инфраструктурните проекти и за поддршка на инвестициите“ истакна д-р Јелисавета Георгиева, од Стопанската комора на Р.М

Капиталните инвестиции – важен сегмент за работењето на македонските компании

Според Сојузот на стопански комори, домашното стопанство треба да биде стожерот на економскиот раст во државата.

“Мислиме на поддршка на компаниите кои се извозно ориентирани и оние кои воведуват иновации во своето производство кои отпочнуваат инвестициони циклуси со што придонесуваат и за намалување на невработеноста во државата, а капиталните инвестиции во делот на инфраструктурата остануваат важен сегмент за работењето на македонските компании, а тоа се однесува на продолжување на работите на патната и железничката инфраструктура, гасификација и енергетските проекти “ изјави извршниот директор на Сојузот на стопански комори Митко Алексов.

Министерство за финансии: И покрај ребалансот, историски највисоки капитални инвестиции

„Во Македонија никогаш досега не се инвестирало толку во инфраструктурата. Во моментов се градат три автопати, а се работи на реконструкција на две автопатски делници. За Демир Капија-Смоквица поради подобрата динамика на реализација се издвоени и дополнителни средства. Со ребалансот се предвидени дополнителни средства и за гасификацијата. Издвоени се и значителни средства за клиниките во Скопје и Штип, за болниците во Тетово и Кичево, за ПЕТ центарот, за реконструкција на 20 јавни здравствени установи, за изградба на амбуланти во јавни средини, за изградба и реконструкција на основни и средни училишта, за изградба на ученички домови, за изградба на студентски домови, за изградба на системи за наводнување, за рурален развој итн“, информираат од МФ

Министерството за финансии потенцира дека ниту еден капитален проект со ребалансот не е скратен туку напротив, сите продолжуваат.

„Македонија во првото полугодие од годинава имаше два обиди за одржување на избори. Во предизборен период согласно Изборниот законик не може да се реализираат капитални проекти. Но и покрај тоа, и со ребалансот, капиталните инвестиции остануваат на историски највисоко ниво. За споредба, ако во 2006 година за капитални инвестиции беа издвоени 156 милиони евра, во 2016 година зборуваме за 568 милиони евра-со ребаланс“, наведуваат од финансии.

Капиталните инвестиции четирикратно зголемени во однос на 2006

Ако во 2006 година капиталните инвестиции изнесувале 156 милиони евра, за 2016 година е проектирано тие да изнесуваат 568 милиони евра, или поголеми за 3,6 пати. За десет години капиталните инвестиции во инфраструктурата се скоро четирикратно зголемени.

Продолжува амандманска расправа за ребалансот на Буџетот за 2016

Во собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска продолжува амандманска расправа по предложениот ребаланс на Буџетот за 2016 година. Пратениците поднеле 323 амандмани, а на вчерашното попладневно продолжение на седницата беа разгледани десетина, а прифатени само два.

Потребата од носење на овој ребаланс се должи на промена на проекцијата за растот на БДП од првично предвидените 4 проценти на 2,3 проценти поради што е неопходно да се изврши корекција на проекциите на приходите и расходите, беше посочено во расправата.

На приходната страна има намалување на проекциите за околу два проценти или за 3 милијарди денари, додека на расходната страна има намалување за 804 милиони денари.

Предлогот пред членовите на Комисијата вчера го образложи министерот за финансии Кирил Миноски, кој рече дека на приходната страна има намалување на проекцијата за 3 милијарди денари, додека на расходната за 804 милиони денари. Со ребалансот се зголемува и буџетскиот дефицит од проектираниот 3,2 проценти со буџетот на 3,6 проценти од БДП и ќе изнесува 2,1 милијарди денари.

– Предложениот ребаланс ќе обезбеди навремена исплата на законски остварените права без да се загрози фискалната одржливост на земјата, рече, меѓудургото, Миноски и додаде дека капиталните инвестиции остануваат на високо ниво и нивната реализација продолжува.

 
 
08.07.2016 - 09:37

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега