"Република" открива: Потпис на Заев за нов голем криминал во Струмица?
Со потпис на струмичкиот градоначалник Зоран Заев хотелскиот комплекс „Цареви кули“ е легализиран на 3.7.2013 година. На решението за утврдување правен статус на бесправен објект стои дека извесен Ристовски Коце од Струмица поднел барање со определен број од 3.9.2011 година за легализација на хотелскиот комплекс, поткрепено со геодетски елаборат за посебни намени, со четири згради од кои првата со стан заведен со број 1 на приземје од 260 квадратни метри, помошна просторија од седум квадратни метри и стан број 2 на кат со површина од 222 квадратни метри, објавува неделникот Република во денешниот број.
Документите и фотографиите до кои дојде Република покажуваат дека Заев со решение легализирал објект – хотелски комплекс кој е изграден по законскиот рок од март 2011 година. Повторно, се работи за бизнисмен кој е добро познат на Заев и општинската администрација како сопственик на компанија која често добива општински тендери. Откако со законот за легализација го реши проблемот со „Глобал“, за кој беше помилуван, го злоупотребува ли Заев сега законот и за своите соработници?
Или, според документот за легализација, барателот Ристовски Коце од Струмица поднел барање за утврдување правен статус на бесправни објекти, хотелски комплекс, означени во геодетскиот елаборат како зграда бр. 1 со висина П+1, приземје и кат, и зграда бр. 2, 3 и 4 со висина П (приземје), со намена Б5 – хотелски комплекси, на КП бр. 7895/2 во КО Струмица, запишана во имотен лист бр. 14614, со вкупна површина од 645 квадратни метри.
Според Решението, барателот донел и геодетски елаборат, сметка за платена електрична енергија од 28.2 2011 година од ЕВН Македонија; потоа имотен лист за парцелата, сопственост на РМ, а со право на користење на ЈП за стопанисување со пасишта – Скопје. Меѓу поднесените документи се наведени и Записник од увид на самото место од 23.1.2013 година, Одлука на Советот од 6.6.2013 година за утврдување потреба од донесување урбанистичко-планска документација за усогласување на намената на земјиштето, како и Урбанистичка согласност од 27.6.2013 година. Градоначалникот на општина Струмица, по разгледување на приложената документација, констатира дека се исполнети условите за донесување решение за утврдување правен статус на бесправниот објект, стои на своерачно потпишаниот документ од Зоран Заев, на ден 3.7.2013 година.
И сето тоа би било фер и нормално, доколку во законот за легализација на дивоградбите не стоеше делот дека предмет на легализација може да бидат објекти што се изградени, односно постоеле пред март 2011 година. Или прецизно, како што стои во законот, услов е објектот што треба да се легализира да е изграден заклучно со 3 март 2011 година.
Според законот за легализација на дивоградби, постапката за утврдување на правниот статус на бесправниот објект бара доказ за приклучок на комунална инфраструктура и/или сметки за јавни услуги (струја, вода итн.), а доколку бесправниот објект нема инфраструктурни приклучоци, изјава заверена на нотар дадена под кривична и материјална одговорност со која барателот ќе потврди дека бесправниот објект е изграден пред влегувањето во сила на овој закон.
Иако барателот Ристовски Коце од Струмица со документите за легализација поднел и сметка за платена електрична енергија од 28.2.2011 година од ЕВН Македонија, фактичката состојба на теренот покажува сосема друго.
Сателитската фотографија од пребарувачот на интернет „Гугл“ и неговите алатки, покажуваат дека на теренот каде што се наоѓа легализираниот хотелски комплекс, со датум од 10 март 2011 година, има сосема друга состојба. Тука има само два објекта, од кои во проектот, односно геодетскиот елаборат, еден веќе не постои, а вториот е зградата со бр.4. Притоа, двата објекта заедно немаат вкупна површина од 40-ина квадратни метри.
На фотографијата, пак, од истиот терен, преку истата алатка, го има целиот објект, но на 4 септември 2013 година. Нормално, кога во јуни таа 2013 година комплексот е свечено отворен. До хотелот се стигнува по новиот изграден локален пат Струмица – Попчево, некаде на околу три километри надвор од Струмица.
Струмичката јавност без задршка посочува дека, сепак, станува збор за бизнис поврзан со кланот што ја раководи Струмица повеќе од една деценија. Но, кој е Коце Ристовски од Струмица, кој во април оваа година својот недвижен имот, како и хотелскиот комплекс, легализиран во 2013 година со Законот за легализација на дивоградбите, и други земјоделски парцели, шуми и деловни објекти во Струмица и во местата познати како Дабиља, Попчево, Ван Град, Свети Илија, Чифлик, Голи Рид, благородно, како што велат, ѝ ги подарил на својата сопруга?
Тоа што го привлекува вниманието на јавноста, која се обрати до редакцијата „Република“, е наведеното дека станува збор за човек што по занимање е работник. Кој е тој работник што може да отвори хотелски комплекс, а и кој е тој градоначалник, чијшто начин на работа во општината ѝ е познат на пошироката јавност, да стори превид и да му го легализира објектот што не постоел во 2011 година? Барем Заев е познат како „вљубеник“ во мотоциклите и во другите скапи играчки со кои не ретко се фотографира на околните ритчиња над Струмица. Притоа, според струмичката јавност објектот, всушност, припаѓа на кланот Заеви, а Коце Ристовски е само човекот којшто управува со тој имот.
Ако се пребара по интернет (повторно) „Гугл“ пред вас ја вади медиумската репортажа за струмичанецот Коце Ристовски, чиешто приватно ловиште „Чам чифлик голд“ е сѐ попривлечно за странските ловџии.
Барајќи, пак, според адресата на човекот, чијшто хотелски комплекс Заев го легализира, како и според името на ловиштето, пред вас ќе се појават неколку документи за јавни набавки во општина Струмица.
Така, на пример, во 2012 година , Заштитно друштво за производство, промет, посредување, угостителство и лов „Чам чифлик голд“ д.о.о.е.л. експорт-импорт Струмица, со адреса со која Ристовски го поднесува барањето за легализација, добива тендери на општина Струмица за поправка и за уредување тротоари како и за поправка на гранит на плоштадот „Гоце Делчев“ во вкупна вредност од околу 1. 340.000 денари.
На тие исти документи се појавува и веќе познатата компанија „Тритерол“ од Струмица за која „Република“ веќе пишуваше, а финансиската полиција влезе во струмичка администрација во обид за расчистување на случајот со ученичкиот превоз во општината.
Или, повторно, во 2014 година, кога оваа компанија се јавува како единствен понудувач на тендерот на ЈП Комуналец од Струмица, со понуда за 2.724.066 денари за мермер и за гранит за 300 броја споменици. Според јавниот документ, проценетата вредност на договорот или рамковната спогодба изнесува 7.000.000, односно со ДДВ сумата изнесува 8.260.000 денари.
Всушност, се работи за бизнисмен добро познат и на општинската администрација и на кланот Заеви. Градоначалникот Заев, кој се бори за „средна класа“, создаде милиони откако е на чело на општината. Притоа, најголемиот негов проект по кој се препознава е „Глобал“, случај за кој со одлуката за аболиција од тогашниот претседател Бранко Црвенковски, инаку партиски лидер на Заев, ја избегна правдата во случајот тежок осум милиони евра. И „Глобал“ , конечно, е решен преку законот за легализација на дивоградбите.
„Глобал“ во Струмица е најголемата легализирана дивоградба во Македонија, легализирана со решение на градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев, во согласност со Законот за легализација диви објекти. Откако решението за реконструкција на старото пазариште во Струмица, каде што никна повеќекатница трговски центар, беше поништено при надзор од надлежните органи, и по сите правни лавиринти, првостепен суд, второстепен, Управен суд, Врховен суд, конечно потврдата за одбивање на уписот од страна на Катастар за легален упис на „Глобал“ стана правосилна, Заев го легализираше „Глобал“ според Законот за легализација на дивоградбите.
Се чини дека решението со кое се излезе в пресрет на барањата на вистински средната класа во Македонија, но, секако, за да им се помогне на тие што не ни имаа друг имот освен дивоградбите, Заев во Струмица успеа да го претвори во Закон со кој ги легализираше „хациендите“ на своите блиски и соработници. Па дури и кога таа дивоградба е изградена по законскиот рок.
Тоа што сега јавноста го очекува, секако, е државата да го провери овој, како и сите други сомнителни случаи на легализирани дивоградби во општината.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа