Средба Груевски-Нуланд: Изборите се единствен излез од кризата

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски денеска оствари средба со помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања во Стејт Департментот Викторија Нуланд.

На средбата, како што соопштија од партијата, се разговарало за актуелните политички предизвици, модалитетите за надминување на политичката криза, како и стратешкиот интерес на Македонија за членство во НАТО Алијансата.

Соговорниците се сложиле дека суштински важен е излезот од политичката криза, за што, како што посочиле, е потребен ангажманот и придонесот на сите политички чинители во постигнување на решенија кои ќе внесат доверба во процесите.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски посочил дека изборите се единствен излез од наметната политичка криза од страна на опозицијата, дека ВМРО-ДПМНЕ ги посакува и е подготвена за нив, но и го посочил фактот дека за да тие се случат потребно е обврзување од страна на опозицијата дека сите услови за избори се исполнети, дека нема пречки за нивно одржување и оти ќе учествуваат на нив, со цел да не се создаваат нови изговори за нивно ново одложување.

Било истакнато дека од страна на ВМРО-ДПМНЕ врвен интерес е напредок во интеграциските процеси, членство во НАТО алијансата, како и спроведување на интензивната реформска агенда поврзана со ЕУ која подразбира дополнително унапредување на состојбите и критериумите во повеќе сфери, како и законските решенија кои се предложени од страна на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Претседателот  на ВМРО-ДПМНЕ Груевски се заблагодарил за досегашната поддршка на САД, а на средбата било договорено интензивната комуникација да продолжи и во идниот период за сите прашања и области од заеднички интерес.

 
 
11.07.2016 - 14:39
Фото: 
МИА

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега