Започна заедничката седница на македонската и бугарската Влада во Ќустендил

Почна заедичката седница на македонската и бугарската Влада во бугарскиот пограничен град Ќустендил.

На средбата од македонска страна, покрај премиерот Никола Груевски, присуствуваат и вицепремиерот Владимир Пешевски, министерот за надворешни работи Никола Попоски, за транспорт и врски Миле Јанакиески и за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски. Од бугарска страна делегацијата ја предводи бугарскиот премиер Пламен Орешарски, кој е придружуван од вицепремиерката  Зинаида Златанова, министерот за транспорт, информатички технологии и врски Данаил Папазов и министерот за земјоделство и храна Димитар Греков.

Станува збор за неформална заедничка мини владина седница на владите на Македонија и на Бугарија која е во функција на продлабочување на меѓусебните релации и унапредување и развој на добрососедските односи.

На средбите ќе се разговара за повеќе прашања, како што се евроатлантските интеграции, економијата, енергетиката, можноста за инфраструктурни проекти и за теми од областа на земјоделството и  други прашања кои се од заемен интерес на двете држави.

На плоштадот пред зградата на општина Ќустендил, во која се случува средбата, протест одржува мала група од 10-тина припадници на партијата ВМРО на Красимир Каракачанов кои имаат истакнато антимакедонски пароли.

 

најчитано сега