Уште еден пораз за македонските кошаркари кои се подготвуваат за ЕП
Македонската кошаркарска репрезентација го загуби и вториот контролен натпревар во подготвителниот период за настап на Европското првенство. Синоќа во Литија, Македонија загуби од домашната селекција на Словенија со 63:54.
Избраниците на селекторот Алеш Пипан добро го отворија натпреварот со водство од 11:4, но веднаш потоа следуваше серија на Словенија од 12:0, за враќање на резултатската неизвесност на крајот на првата четвртина.
Македонија одигра добар втор период и направи двоцифрена предност, а водството го одржуваше до почетокот на последната четвртина. Тогаш следуваше голем пад во играта и постигнат само еден поен за 10 минути што значеше резултатски пресврт и победа за Словенија.
Селекторот Пипан повторно често ротираше со тимот во кој и на овој натпревар отсуствуваа Перо Антиќ и Лестер Бо Мекејлеб.
Ѓорѓи Чековски со 13 поени беше најдобар стрелец во македонскиот состав, додека со двоцифрена реализација беа и браќата Стојановски, односно Војдан со 12 и Дамјан со 10 поени. К
Во саботата на првата контролка одиграна исто така во Словенија, Македонија загуби од Украина со 69:60.
Денеска нашата репрезентација се сели во Крањска Гора каде продолжува со висински подготовки. Наредните пријателски дуели, на кои се очекува црвено-жолтите да бидат комплетни, се закажани за 6 и 7 август против Хрватска на гостински терен.