Догодина ќе “блесне“ железницата Битола - Кременица

 

Железничката делница од Битола до Кременица, на границата со Грција, ќе се реконструира во должина од околу 17 километри. Според последните информации од Министерството за транспорт и врски, тендерската документација е веќе изработена и доставена до службите на Делегацијата на Европската унија на одобрување.

По нејзиното одобрување ќе се отпочне со тендерските постапки кои се предвидуваат во втората половина на годинава. Надлежното министерство за транспорт и врски очекува градежните работи на оваа делница да започнат кон средината на идната година и да бидат завршени за 24 месеци, односно до средината на 2016 година.

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, за МИА вели дека при подготовката на документацијата за оваа делница е земена предвид и стопанската активност и економскиот развој во пелагонискиот регион и развојот на индустриската зона Жабени кај Битола.

- Со реализацијата на овој проект ќе се овозможи подобрување на железничката инфраструктура во земјата како стратешка транспортна точка во регионот и ќе се зајакне протокот на меѓународна трговија и директниот пристап до Солунското пристаниште. Особено е значајно тоа што ќе се поттикне протокот на товарниот сообраќај и меѓународниот патнички сообраќај и користењето на железничкиот транспорт во трговијата, истакнува Јанакиески за МИА.

Со ремонтот се планира реконструкција на приближно 17 километри колосек од крајот на станицата во Битола до границата со Грција, реконструкција на бројни премини, поврзување на колосекот со новата индустриска зона во Жабени и изградба на нова железничка станица за прекуграничен сообраќај (патен и товарен) со сите придружни објекти и нова сигнализација и телекомуникациски инсталации. 

најчитано сега