Во Кабул средба на началникот на ГШ на АРМ Величковски со командантот „Одлучна поддршка“ генерал Николсон

 Воената делегација на АРМ предводена од началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Методија Величковски, во главната команда на мисијата  „Одлучна поддршка“ во ИР Авганистан, денеска оствари официјална средба со командантот на мисијата, генерал Џон  Николсон.

На состанокот во Кабул, соопшти денеска ГШ на АРМ, посебен осврт бил даден на учеството на македонскиот контингент во мисијата, при што од страна на генерал Николсон е истакнат високиот професионализам на припадниците на АРМ, покажаните знаења и вештини при извршување на поставените задачи на позициите на кои се распоредени. Помеѓу останатото на средбата се разговарало за актуелната безбедносна состојба во Авганистан, тековните и понатамошни планирани активности на мисијата „Одлучна поддршка“.

Покрај средбата со командантот на „Одлучна поддршка“ генералот Величковски, како што е најавено од ГШ на АРМ, ќе оствари средба и со одговорните старешини во командата за обука советување и асистенција на главниот град (КОСАГГ) во чиј состав се наоѓаат  тринаесет  старешини н АРМ кои извршуваат штабни должности.

Претходно, воената делегација се сретнала со припадниците на македонскиот контингент, со кои во текот на утрешниот ден заеднички ќе го прослават македонскиот државен празник „Илинден“. 

Во овој момент, во рамки на мисијата  „Одлучна Поддршка, АРМ учествува со 39 припадници од кои тринаесет старешини ги извршуваат доделените должности во состав на КОСАГГ, дваесет припадници на АРМ учествуваат во сили за обезбедување на главната команда на мисијата  „Одлучна Поддршка“ во Кабул и шест старешини во командата за обука советување и асистенција север.

Во изминатиот период од 14 години, АРМ е дел од најголемата воена коaлиција во која учествува со над 2800 свои припадници, кои во крајно сложени услови, го прикажуваат придонесот на Република Македонија во изградбата на мирот, демократијата и безбедноста на Авганистан.

- Легитимитетот, признанието и потврдата на сигурен, доверлив, обучен, но пред сè рамноправен партнер на НАТО, го стекнавме со демонстрација на висока посветеност кон извршување на поставените задачи. Научените лекции од учеството во ИСАФ, во голем обем наоѓаат широка примена и во сегашната мировна мисија „Одлучна Поддршка“. Армијата на Република Македонија е горда со своите припадници, кои во овој период не се само чувари на суверенитетот на Република Македонија, туку во исто време се и нејзини амбасадори на мирот, стои во соопштението од ГШ на АРМ. 

 
 
01.08.2016 - 17:50

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега