Антиќ првата сезона во НБА ќе заработи 1.200.000 долари

 

Првиот Македонец во  НБА лигата, Перо Антиќ, во првата сезона од настапите во својот нов клуб Атланта хокс треба да заработи 1.200.000 долари, додека во втората сезона од двегодишниот договор Антиќ ќе добие 1.250.000 долари, за да се исполни вкупната сума од 2.450.000 долари. Ова го тврди интернет-страницата „хупсворлд.ком“, која меѓу другото ја објавува и финансиската тежина на договорите на кошаркарите од сите НБА-клубови.

Според податоците од страницата, најскапо платен играч во составот на Хокс е крилниот центар Ал Хорфорд, кој во следните три сезони ќе зема по 12 милиони долари од сезона. Втор најплатен играч е Пол Милсап кој ќе заработува по 9,5 милиони долари и трет најскап играч е Џеф Тиг кој ќе зема по 8 милиони долари.

Инаку, Паро Антиќ со потпишувањето на договорот со Атланта, стана прв Македонец кој ќе игра за НБА. Тој е четвртото крило во составот. 

- Перо е вешт и сестран висок играч и ќе додаде квалитет под кошовите. Се совпаѓа добро со она што ние градиме и многу сме возбудени што го имаме во тимот – изјави Дени Фери, генералниот менаџер на Хокс.

Минатата сезона Хокс се пласира во плејофот, но изгуби од Индијана пејсерс во првиот круг со 2-4. Тоа беше шесто учество на Хокс во плејофот.

Извор: Дневник

ФОТО: Денешен

најчитано сега