Македонија страда од “портокалови“ горештини - спасете се од проблеми и почитувајте ги овие препораки

 

Топлотниот бран што ја зафати Македонија, според најавата на синоптичарите, продолжува и утре со температури над 40 степени. Мало освежување, граѓаните ќе почувствуваат вечер кога се очекува локален дожд, грмежи и засилен ветер и пад на температурата од пет до шест степени.

Локално, нестабилната облачност проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер ќе се задржи и во текот на утрешниот ден. Утринската температура ќе се движи од 12 до 22, а дневната од 35 до 41 степен.

Според најавите на Управата за хидрометеролошки работи утре поголем дел од државата ќе биде и понатаму во жолта фаза, а Осоговско-малешевскиот и Охридско-преспанскиот регион ќе бидат во портокалова фаза. Во овие региони температурите ќе бидат од 36 степени и се повисоки од вообичаените за овој период од годината за овие региони.

Од среда се очекува мало намалување на температурите во целата држава.

Ресорното Министерство за здравство препорачува во текот на утрешниот ден бремените жени и лицата постари од 60 години да се ослободат од работа, а работодавците во овие денови да го реорганизираат работното време за градежните работници и лицата кои работат на отворено со тоа што ќе се одбегнуваат активности од 11 до 17 часот. На градинките им се препорачува да не ги изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 16 часот.

Засега остануваат општите препораки за граѓаните - да се конзумира здрава и свежа храна и безбедна вода за пиење, да се носи лесна и светла облека, да не се излегува надвор од 11 до 17 часот, а хронично болните да ја земаат соодветната терапија.

- Да се јаде здрава храна богата со многу овошје и зеленчук кои треба да се добро измиени за да се превенира од цревни заболувања. Треба да се пие и безбедна вода, а доколку се користи флаширана вода, таа треба да се чува на темно и ладно место. Препорачуваме да се внесуваат многу течности, а да се избегнуваат кофеинските пијалоци кои предизвикуваат поголема жед, вели професор д-р Михаил Кочубовски од Институтот за јавно здравје.

Според него, во одредени региони поради високите температури има зголемување на бројот на прегледи, но досега не е регистриран смртен случај од топлото време.

- Има зголемување на прегледите во деновите кога имавме жолта фаза, но тоа не е многу големо зголемување и зависи од регионот. Во Скопскиот регион во изминатите два месеца имавме до 20 проценти зголемување во однос на истиот период претходните години, но во другите региони немавме зголемување така што се зависи од тоа каде сте. Досега нема регистрирано смртен случај од високите температури, нагласи Кочубовски.

Минатата недела и Министерството за труд и социјална политика и Сојузот на синдикати на Македонија апелираа работодавачите да ги преземат сите неопходни мерки за заштита на работниците.

Соодветната организација на работата, контролата на работниот процес и проценката на ризик на работните места, избегнување на прекувремена работа, користење на паузите за одмор, обезбедување соодветни простории за разладување, лесна работна облека и превентива од зголемени опасности при работа (пожари),... се само некои од препораките што работодавачите треба да ги испочитуваат.  

Повеќе информации граѓаните може да добијат и на бесплатниот телефонски број на Црвениот Крст 02/ 32 21 902, од 10 до 18 часот. 

најчитано сега