Полнете резервоари - големо поскапување на горивата во Македонија

 

Самата најава за можен договор меѓу Русија и ОПЕК веќе неколку дена по ред ја подига цената на суровата нафта на светските берзи.
Во текот на вчерашниот ден северноморската нафта од типот Брент се тргуваше по цена од 47,1 долар за барел додека американската нафта на берзата во Њујорк достигна цена од 44,69 долари со тенденција за натамошен раст.
Пред неколку дена ОПЕК соопшти дека министрите на 14те земји членки ќе се состанат на маргините на енергетската конференција која за крајот на септември е закажана во Алжир и ќе се обидат да договорат мерки за стабилизација на цената на нафтата која веќе подолг период е на ниско ниво.
Причина за тоа е фактот што ОПЕК не може да го контролира производството на Русија со што нема начин да влијае позначително на цената.
Сепак, најавата за можен договор меѓу Русите и земјите од ОПЕК беше доволен поттик за цената на нафтата веќе три дена по ред да бележи повисоки вредности.

Движења на малопродажните цени на нафтените деривати во Македонија

Трендот на поскапување на суровата нафта очекувано директно ќе се одрази врз малопродажните цени на нафтените деривати во Македонија. Во земјава цената на горивата се одредува врз основа на цената на нафтата од типот „брент“ на берзата во Лондон и движењето на курсот на доларот во однос на денарот.
Таму, во текот на вчерашниот ден, барел се тргуваше по цена од 47,1 долар. Минатиот понеделник, Регулаторната комисија за енергетика ја одреди малопродажната цена на нафтените деривати, земајќи ја просечната цена од минатите две недели која на светските берзи изнесувала 41,9 долари за барел.
Споредбата вели дека денешната цена е за над 5 долари по барел повисока што сигурно ќе резултира со значително поскапување на горивата, доколку во периодот до 22 август, кога регулаторот ќе ја одреди новата цена, нешто драстично не се промени. Ако се имаат предвид најавите за континуиран раст на цената, идниот вторник можеме да очекуваме едно од поголемите поскапувања во последните неколку месеци.

 
 
16.08.2016 - 10:30

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега