Во Штип акција за отсранување на дивите продавачи околу Градскиоп пазар
Штипското комунално претпријатие „Исар“ заедно со полицијата и комунален инспектор од денеска почнуваат со акцијата за отстранување на дивите продавачи на земјоделски и млечни производи на улиците, кои гравитираат околу Градскиот пазар. Директорот на ЈП „Исар“, Ангел Бојаџиев вели дека како комунално претпријатие годинава имаат инвестирано околу 14 милиони денари за реконструкција на Градскиот пазар, на кој има современи услови и за продавачите и за граѓаните кои пазаруваат.
- Сето она што се наоѓа надвор од пазарот можеме да кажеме дека не подлежи на инспекциски надзор, не подлежи на ветеринаринарни контроли од Агенцијата за храна и ветеринарство. Така што ние на граѓаните им гарантираме дека сето она што се продава на пазарот е здраво, исправно и проверено од страна на инспекциите, а она што е надвор од пазарот е сигурно прскано со пестициди, вели Бојаџиев и апелира до граѓаните на град Штип да пазаруваат на Градскиот пазар.
Раководителот на Градски пазар-Штип, Димче Колев истакна дека цените за закуп на тезги во реконструираниот Градски пазар не се променети 20 години, еден земјоделец кој што сака да ги продава своите производи може дневно да плати закупнина од 400 или месечно 2.000 денари.
- Место на Градскиот пазар имаме доволно за сите кои сакаат да продаваат и за оние кои продаваат по улиците. Пазарот во моментов е искористен од 60 до 70 проценти. Имаме околу 400 продажни места, вели Колев.
Според анализите над 30 диви продавачи ги нудат своите производи на импровизирани тезги на улиците кои се наоѓаат околу Градскиот пазар, со што се создава нелојална конкуренција, но и со нивните непроверени производи го загрозуваат и здравјето на купувачите. Во рамките на акцијата ќе се отсранат импровизираните тезги на дивите продавачи, а доколку не сакаат во тој случај ќе им се врачи налог и ќе им се изречат големи парични казни.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа