Наменски ребаланс – ќе се обезбедат пари за отштета од поплавата
Започна комисиската расправа за ребалансот на буџетот со кој ќе се обезбедат средства за исплата на отштетите од поплавата во август. Со ребалансот се предлага обезбедување на дополнителни 36,4 милиони евра за целосно обесштетување на поплавените.
Министерот за финансии Кирил Миноски на Комисијата за финансирање и буџет истакна дека Владата земајќи ја предвид големината на природната непогода која се случи на 6 август и нејзината разорност во однос на бројот на опфатени домаќинства и степенот на штетите, донела одлука да обезбеди комплетна помош за настраданите, која подразбира и обезбедување на стопроцентно обесштетување на граѓаните од кризните региони.
– Со Измените и дополнувања на Буџетот на Република Македонија за 2016 година се обезбедуваат дополнителни средства во износ од 2.240 милиони денари за постојана резерва за надминување на последиците од настанатата елементарна непогода. Дополнителните средства наменети за санирање на штетите делумно се обезбедуваат со заштеди од одредени позиции кај буџетските корисници, а делумно со зголемување на буџетскиот дефицит – истакна Миноски
Миноски додаде дека Владаta со поддршка на Светската Банка, УНДП и Европската комисија, отпочнала да ја спроведува и анализата според методологијата на ткн Post Disaster Recovery Assessment, која има за цел не само да помогне во креирањето на сеопфатна анализа на трошоците кои се јавуваат како последица на катастрофалните проплави, туку и да помогне во дизајнирање на мерки кои на краток, среден и долг рок треба да ги превземе Владата за да се минимизираат штетите кои што би настанале како резулат на елементарни непогоди доколку се случат во иднина.
– Би сакал да ги потсетам пратениците на сликите од катастрофалната поплава, која илјадници граѓани ги остави буквално без ништо. Наредниве денови во Собранието не се дискутира само ребаланс на буџет, туку се зборува за судбината на илјадници граѓани на кои им е потребна помош – истакна Миноски.
Марјанчо Николов од СДСМ истакна дека доколку Владата скратела 1,2 отсто од расходите во буџетот ќе се обезбеделе средства за обесштетување на граѓаните од поплавата, беѕ да се проширува буџетскиот дефицит.
– Ќе наведам неколку ставки на кои можеше да се крати од ребалансот. Можеше да се скрати ставката изградба и реконструкција на административни згради на СОЗР, можеше да се скрати ставката економска промоција, но одат избори има потреба од маркетинг, можеше да се скрати на ставката за плажи на Министерство за транспорт – на луѓето сега не им е до плажа – истакна Николов.
Крсто Муковски од ВМРО-ДПМНЕ вели дека барањето на опозициската СДСМ да се скрати од некои од јавните набавки е политички трик, бидејќи за оние јавни набавки кои се во понапредна фаза и за кои има потпишано договор, доколку државата ги раскине ќе има казнени пенали.
– Овој ребаланс на буџет е наменски, неговата намена е да се обесштетат граѓаните и за таа цел пратениците треба да го поддржат – истакна Мукоски.
Со ребалансот на буџетот приходите во Буџетот се непроменети и остануваат на ниво на проекцијата од 174.291 милион денари. Расходите се зголемуваат од 195.472 милиони денари на 197.410 милиони денари, а се зголемува и буџетскиот дефицит од 3,6 на 4 проценти и ќе изнесува 23.119 милион денари, наместо 21.181 милион денари.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа