Денеска седници на четири собраниски комисии
Во Собранието на Република Македонија денеска седници ќе одржат комисиите за образование, наука и спорт, за транспорт, врски и екологија, Законодавно-правната и Комисијата за прашања на изборите и именувањата.
На дневниот ред на Комисијата за образование, наука и спорт се измените и дополнувањата на Законот за стручно образование и обука и измените на Законот за иновациска дејност, двата во прво читање.
Комисијата за транспорт, врски и екологија ќе расправа по измените и дополнувањата на Законот за градење, на Законот за градежно земјиште и на Законот за внатрешната пловидба, сите во прво читање.
Членовите на Законодавно-правната комисија на седницата ќе расправаат по Предлог-законот за претворање на побарувањата на Република Македонија по основ на данок на додадена вредност, данок од добивка, персонален данок на доход, придонеси за пензиско и инвалидско осигурување како и камати и споредни даночни давачки и обврски по основ на денарски кредити во траен влог во Јавно претпријатие за стопанисување со шуми „Македонски шуми“ П.О. Скопје и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки, и двата во второ читање.
На дневен ред на оваа комисија се и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за користење и располагање со стварите на државните органи, во прво читање и предлог-законите за изменување и дополнување на Законот за оружјето и на Законот за производство и промет на вооружување и воена опрема, и двата во второ читање.
Дневниот ред е дополнет со Предлог-законот за индустриски-зелени зони, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за трговските друштва, Предлог-законот за изменување на Законот за јавните претпријатија, Предлог-законот за поддршка на домашната музичка продукција, сите во второ читање.
На дневен ред на Комисијата за прашања на изборите и именувањата се утврдување мислење по Предлог Правилникот за изменување на Правилникот за систематизација на работните места во Службата на Собранието на Република Македонија и утврдување мислење по Предлог Правилникот за изменување на Правилникот за внатрешна организација на Службата на Собранието на Република Македонија.