25 години економска независност
25 години македонска независност, 25 години независна и самостојна Република Македонија, сопствени институции, сопствена валута и сопствен државен економски и финансиски систем, пишува Лидер.
Ден за славење, но и ден – потсетник на настани и појави кои се случија во изминатите 25 години, кои оставија белег на едно блиско минато на нашата држава. Од економски аспект, изминатите 25 години независност ја одбележаа многу падови, но и значајни подеми. Голем број на економски успеси и процеси, но и негативни економски реформи, кои трајно останаа врежани во меморијата на македонскиот народ. Токму таква беше трансформацијата на капиталот, односно приватизацијата, која за секој граѓанин на Македонија, претставува негативна асоцијација, темна страна на развојот на македонската економија и држава, негативен пример за реформирање на капиталот, негација на сопственичките права, конкуренцијата и корпоративното управување, уривање, на и така кревката македонска економија и за жал болна реалност на стотици илјади македонски семејства.
Кога започна процесот на приватизација?
Процесот на приватизација во Република Македонија започна во 1989 година во тогашната СФРЈ со таканаречените закони на Анте Марковиќ (Законот за општествен капитал и Законот за лични доходи) со кои се создаде најнапред т.н интерно акционерство, кога со големи дисконти вработените акционери станаа сопственици во најголем дел во своите претпријатија а подоцна во јуни 1993 година продолжи со донесување на македонскиот Закон за трансформација на претпријатија со општествен капитал, кој воведе поразличен модел на приватизација кој продолжи законски да се нормира во 1995 година кога се донесе Законот за преструктуирање на дел од претпријатијата кои во своето работење искажуваат загуби, и во 1996 година со Законот за трансформација на претпријатијата и задругите со општествен капитал кои стопанисуваат со земјоделско земјиште и Законот за приватизација на државниот капитал во претпријатијата, со чиј член 14 се предвидува попусти за продажба на државниот капитал.
Закони, кои наместо да предвидат долгорочен и траспарентен модел на приватизација во кој ќе се почитуваат сопственичките права на вработените, меѓународните практики на приватизација, начелото на конкурентност, создадоа процес на буквално разграбување на општествениот имот и неправедно и сомнително приватизирање на фабриките и комбинатите кои вработуваа стотици илјади граѓани. Овој трагичен модел на приватизацијата , според многумина го означи силниот удар врз македонската економија кој се реализирал преку тогашното политичко раководство и малата бизнис елита. Стекнувањето на капитал без пари, создаде и процес на отсуство од желба за менаџирање и успешно раководење на дотогаш успешните фабрики и комбинати. Сето тоа резултираше со затворање на компании и оставање на стотици илјади работници без работа.
Над 200 илјади граѓани без работа и над 680 затворени компании
Резултатите од болната приватизација беа фатални за македонската економија. Над 680 фабрики и комбинати беа упропастени и затворени од кои 154 претставуваа дотогаш македонски индустриски гиганти. Илјадници претпријатија станаа неликвидни, стотиции чекаа стечајна постапка со која раководеа само неколкумина стечајни управници и стечајни судии во државата. Над 200 илјади македонски граѓани останаа без работа и без сопствена егзистенција и според познавачите, над 4 милијарди евра капитал беше обезвреднет и заврши во рацете на малубројната политичка-бизнис елита
Приватизацијата освен дома, како нај неуспешен модел во целиот регион на југоисточна Европа беше прогласена и од бројни странски претставници и аналитичари. Стапката на невработеност, на почетокот на 90-ите години изнесуваше помеѓу 18 и 19 проценти. Како директна последица на катастрофалната приватизација и лошите економски политики, резултатот беше драстично зголемување на бројот на невработени, односно највисоката алармантна невработеност во 2005 година со 38%.
Приватизацијата останува во минатото и во меморијата на македонските граѓани, а состојбите на економски план почнаа да се подобруваат во последната декада, кога македонската економија зема сериозен замав. Со политиката на отварање нови работни места, невработеноста денес е на историско најниско ниво и од 38% се намали под 25%. Намалувањето на невработеноста е резултат на рекордниот број од над 150.000 новосоздадени работни места. Во земјава почна да се применува политиката на агресивно привлекување странски компании и за прв пат од македонскиот пазар почнаа да се извезуваат производи со високо додадена вредност кој претходно не беа познати за домашните бизнисмени и компании. Се донесоа плеада на мерки и закони, со цел подобрување на условите за бизнис.
„Вработувањето сега е на рекордно ниско ниво, од 25 %, а знаеме колку беше, надворешната задолженост благо се зголемува, конзистентата монетарна политика и одржување на курсот на денароит во однос на еврото, придонесе кон стабилност на планирањата“ изјави Сашо Кожухаров, универзитетски професор.
Македонија успеа во турбулентно окружување и неповолни надворешни влијанија да ги одржи монетарната стабилност и стабилниот девизен курс во однос на еврото. Во изминатиот период фискалната и монетарната политика беа добро координирани. Со одржувањето на стабилен девизен курс се заштити стандардот на граѓаните и се обезбеди сигурност во работењето на фирмите.
Економските реформи донесоа раст на економијата
Македонија е земја со најниски даноци во светот, шеста во Европа според условите за водење бизнис, стапката на невработеност е на историски најниско ниво, а според многу меѓународни институции и агенции странските инвеститори имаат најдобри поволности да инвестираат во Македонија во споредба со земјите во регионот. Ваквите резултати најмногу се должат на спроведените економски реформи. Тука во прв ред се реформата на платниот промет, воведувањето на Данокот на додадена вредност, фискализацијата, ревизија на започнатата приватизација, рамниот данок, процесот на денационализација, враќањето на заробените девизи на граѓаните од времето на поранешна Југославија.
“Плодот на овие економски реформи според бизнисмените се гледаат најмногу во последните неколку години. Бизнис секторот во последните 25 години успеа да преживее многу турбулентни периоди, а за тоа сведочат и многуте светли примери за подобрување на условите за водење бизнис. Она што денеска е значајно за бизнисот е и во иднина реформите да продолжат што ќе значи раст на компаниите, а со тоа и на економијата“ вели Данела Арсовска, претседател на Сојузот на стопански комори на Македонија.
Реформите во македонската економија започнаа со воведувањето на Данокот на додадена вредност од 1 април 2000 година наместо постоечкиот данок на промет, со што општата стапка на промет на производи и услуги се намали од 25% на сегашните 18%. Потоа следеше и реформата на платниот промет со што сметките на корпоративниот сектор и извршувањето на финансиските трансакции се префрлија од Заводот за платен промет во банките, а нивното порамнување сега се организира на сигурен и ефикасен начин.
Во 2001 година започна и процесот на денационализација кој за десет години заврши со решавање на над 31 илјади предмети со враќање на одземениот имот од времето на социјализмот. Меѓу успешните мерки и реформи е и исплатата на заробените девизи по распадот на Југославија, при што за десетина години беа исплатени 25,7 милиони евра на граѓани и фирми за старо девизно штедење.
Според Арсоска нејзе сите реформи кои што досега се правени за подобрување на бизнис климата треба да продожат и во иднина со што Македонија ќе може да го одржи степенот на економски раст кој го има во последните 25 години
За во иднина заеднички се очекувањата и на бизнис секторот и на граѓаните дека годините пред нас ќе бидат години во кои државата ќе одбележува позитивни економски резултати, натамошно намалување на невработеноста, раст и развој на економијата и подобрување на животниот стандард на граѓаните.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа