Милан Талевски: Независноста беше наздравена со македонско вино


Милан Талевски е Претседателот на Собранието на Град Скопје во референдумската 1991 година. Еден од оние кои вечерта на 8-ми септември е на бината на градскиот плоштад, воедно и еден од најзаслужните за спонтаната организација на прославата на плоштадот. Човекот со црна коса, наочари и бркови од фотографиите од 1991 година е оној кој всушност го донел и виното и чашите од кои дел од тогашна политичка елита наздрави за независноста на Македонија. Инсистирал тоа да биде македонско вино.

Во интервју за Прес24, Милан Талевски прв пат по 25 години зборува за настаните и доживувањата од таа вечер. Вели: „се се случуваше спонтано“

ПРЕС24: Вие сте еден од оние политичари кои се на онаа историска фотографија од плоштадот Македонија вечерта на 8-ми Септември. Се сеќавате ли како изгледаше Скопје таа вечер?

ТАЛЕВСКИ: Вечерта, односно денот на прогласувањето на самостојна и суверена Македонија на Градскиот плоштад беше една голема свеченост. Голема веселба, еден голем ентузијазам. И сега кога зборувам со вас, како да го доживувам тој момент. Едноставно, таа вечер е неповторлива, таа возбуда... Имаше многу луѓе присутни таа вечер на Плоштадот. Можеби и повеќе од 30 илјади луѓе, но кој тоа го гледал и броел тогаш... Во тој историски момент мореше некако да се снаоѓаме бидејќи немаше никаков протокол...

ПРЕС24: Да, како всушност се случи организацијата таа вечер?

ТАЛЕВСКИ: Како се случи! До некаде околу 17 часот ние имавме некои опипливи резултати од излезеноста на граѓаните. Во Скопје имавме договор, оние пет општини, (тогаш беа пет општини и Градот Скопје), во општина Центар да ги сумираме резултатите и јас како одговорен на тоа тело да ги соопштам резултатите. Првите резултати ги имав веќе околу 22:40 и тие беа соопштени на една репортажна кола на „Македонското радио“, лево од бината што беше поставена. Потоа кога се качивме на бината, целиот републички врв дојде од страната на Метропол...

ПРЕС24: Таа вечер беше организирана или прославата дојде како резултат на спонтаност?

ТАЛЕВСКИ: Колку што мене ме држи сеќавањето пред 20, или 20 часот и 30 минути имаше многу малку луѓе на плоштадот затоа што се правеше бината. Мирко Стефановски, одговорен за културно просветна заедница на Град Скопје доби упатства. Во таа работа беше вклучен и Мартин Треневски, како одговорен на ниво на Републиката. Тогаш насоките беа набрзина да се направи една бина. Таа бина беше многу едноставно и набрзина направена. За два часа. Значи од 17 и некоја минута дадена задача, бидејќи ние не знаевме ништо, ниту дали ќе помине и што ќе биде со Референдумот, особено што имаше и дилеми кај луѓето, но народот си го кажа своето. И тогаш се направи таа бина без некој посебен протокол, ние тоа воопшто не го подготвуваме.

ПРЕС24: Немаше никакво сценарио?

ТАЛЕВСКИ: Не.. не.. никакво сценарио.. Сето тоа дојде спонтано, народот се собра... Почнаа некои музички точки, народот пееше...

ПРЕС24: Музичарите, пејачите како беа организирани?

ТАЛЕВСКИ: Се беше спонтано... јас таму дојдов околу 23 часот и 20 минути...

ПРЕС24: Кој дојде прв од политичарите таа вечер на плоштадот?

ТАЛЕВСКИ: Генерално сите околу 23 и нешто. Политичарите се качуваа од страната на Метропол, а јас на бината се качував од оваа страна... и тогаш почнаа честитањата... Потоа претседателот на Републичката изборна комисија, Коневски почна да ги чита резултатите...

ПРЕС24: Имаше ли организирано кои од политичарите ќе дојдат, на сликите од таа вечер има многу политичари од тогашниот државен врв кои не дојдоа?

ТАЛЕВСКИ: Па погледнете ги сликите и ќе видите колку вкупно функционери има. Колку што јас знам, Мијалков, министерот Мијалков и министерот Наумов, со заеднички сили го убедиле Претседателот Киро Глигоров да се појави на бината... Тој сепак е Претседател на држава и тој мораше да излезе и да го соопшти тоа. Јас тогаш не видов никој друг од оној друг политички блок...

ПРЕС24: Го нема ниту претседателот на Собранието, Стојан Андов...

ТАЛЕВСКИ: Неее... немаше никој...Еве ги сликите кажуваат... но никој за тоа тогаш не мислеше... Во таа еуфорија важно беше да заврши чинот и сето тоа да се прогласи до 23 часот и 59 минути за да не не фати 9 септември, денот на ослободување на источните комшии... Ентузијазмот, еланот, желбата на граѓаните за независност на Македонија стана реалност. Искрено, тој резултат сите ние потајно го очекувавме...

ПРЕС24: Какви беа чувствата на луѓето горе на бината?

ТАЛЕВСКИ: Неповторливи...разиграни... Откако Претседателот Глигоров кажа „нека е честита суверена и независна Македонија“ почна славењето.. имаше и вино за наздравување...

ПРЕС24: Ода каде се најде виното?

ТАЛЕВСКИ: Двете шишиња шампањско од десната страна беа донесени од Метропол, а јас од другата страна донесов едно или две шишиња „Повардарски бисер“ за да наздравиме... Тоа шише се гледа во рацете на Ченто...

ПРЕС24: Значи независноста е залена со македонско вино?

ТАЛЕВСКИ: Да! Со македонско вино, „Повардарски бисер“, а шампањското што го отвори Претседателот на Владата Никола Ќусев, беше отворено, но тоа остана долу, а чашите кои беа наполнети, осум вкупно на број, се наполнети со „Повардарски бисер“. Сето тоа со чашите и виното го организирав јас лично... едноставно е. Каде и да одите во една таква еуфорија знаете дека ќе се случи нешто и секако ќе се наздравува...

ПРЕС24: Стравувате ли можеби дека Референдумот ќе биде неуспешен?

ТАЛЕВСКИ: Не.. немаше потреба. Во Скопје имаше големо расположение. Можам да кажам дека македонските Албанци во Скопје голем дел гласаа. 14 до 15 % беше излезноста на македонските Албанци во Скопје, за разлика од едно Тетово и Гостивар, каде излезеноста беше од 3 до 5 %.

ПРЕС24: Што се случи по прославата на плоштадот?

ТАЛЕВСКИ: Луѓето останаа до доцна, имаше културно-забавна програма која продолжи. Политичарите како политичари секој на своја страна. Јас со мојата екипа и координативното тело на Скопје дојдовме овде во близина на Тифани, во едно кафуле кое беше најблиску...

ПРЕС24: Има ли нешто специфично на што се сеќавате таа вечер?

ТАЛЕВСКИ: Па чувствата кои беа кога доаѓав кон бината од страната на градското собрание.. Кога се симнав од колата луѓето аплаудираа, довикуваа, прашуваа: „Претседателе кажи како е резултатот? Успешен ли е референдумот..“ Тоа чувство е незаборавно... Јас првите резултати за Град Скопје ги соопштив на македонското радио... Во секој случај нашата главна работа беше да ја координираме работата на ниво на град Скопје.

ПРЕС24: Како течеше денот на Референдумот? Имаше ли еуфорија од утрото дека Референдумот ќе успее?

ТАЛЕВСКИ: Од утрото денот почна многу нормално. Вообичаено почна референдумот, ние како координативно тело се координиравме. Како што течеше денот, како што одеше излезноста на граѓаните, така растеше расположението и нашата увереност дека во Скопје ќе има голема излезност. А тогаш сите и новинарите велеа дека ако Скопје излезе и даде позитивен резултат, сигурно дека тој резултат ќе го поклопи и Македонија. И јас по 17 часот бев убеден дека резултатите ќе бидат повеќе од добри.

ПРЕС24: Тоа е време кога во Југославија имаше воени конфликти. Имаше ли страв дека можеби веќе следниот ден на 9-ти септември ќе се прелее војната овде?

ТАЛЕВСКИ: Не.. немаше, затоа што се уште не беше почнато повлекувањето на ЈНА, се уште ја имавме платформата на Глигоров-Изедбеговиќ, референдумското прашање беше такво кое нудеше сојуз... Но, сепак тлееше желбата кај луѓето да излезат да гласаат

ПРЕС24: Вие во тоа време сте...

ТАЛЕВСКИ: Претседател на Собрание на Град Скопје. Улога како што сега заедно ја имаат Градоначалникот и претседавачот на Советот. Тоа беше четврта по ранг функција, по претседателот на државата, претседателот на Собранието, Премиерот. Тогаш сите странски делегации, амбасадори се среќаваа со Претседателот на Собранието на Град Скопје.

ПРЕС24: На таа функција сте до 1993?

ТАЛЕВСКИ: Јануари 1991 до јануари 1993. Две години. И секако Референдумот со полн ентузијазам и жар сум го доживеал и одработил. Инаку вие сте првиот новинар кој по 25 години се сетил на мене и каде давам некое интервју, се надевам дека некој ќе ме повика на моите 86 години на 50 годишнината од независноста.

ПРЕС24: По 1993 се пасивизирате од политика?

ТАЛЕВСКИ: На запад има едно правило „само два мандата“. Јас дочекав половина од едниот мандат, но имам своја струка и работниот живот го посветив таму. Значи само две години сум во политиката.

ПРЕС24: Како после 25 години ја гледате Македонија?

 

ТАЛЕВСКИ: Јас од 1993 година сум надвор од политиката, ја пратам како и секој обичен човек. Но мислам дека, без разлика на сите овие случувања, Македонија е на добар пад да стане држава, онаква каква што народот ја посакува. Сега се сеќавам.. имаше една делегација во 1991 година од еден универзитетски професор, мислам од Масачусец од САД, дојден како гостин на Собранието. Тогаш јас им бев како домаќин, мене ми ја дадоа таа обврска од експертската влада. Во еден разговор со нив, еден од професорите ми вели „Вие во третманот сте како балканска земја, сте биле 45 години под еден друг модел, што ние на Запад го велиме Комунизам. Колку и да се обидувате, со голем ентузијазам, ако сте одлични во национална смисла и желба за своја држава, периодот од 50 години можете да го преполовите на 25 до 30 години. Ако бидете послаби, соодносот ќе биде 1:1“. И како јас во 1991 година да верувам дека така ќе биде. Мислевме дека порано ќе направиме стабилна држава. Значи можеби не сме биле одлични ученици, вклучувајќи ги сите и политичарите и народот, но можеби сме дојдени до „тројка“. Можеби следните 25 години ќе дојдеме и до „четворка“...

 
 
08.09.2016 - 11:39

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа