Странските инвестиции важен фактор за намалување на невработеноста

 

Странските инвестиции играат важна улога во намалувањето нa невработеноста во Република Македонија. Економските аналитичари сметаат дека привлекувањето на странски инвестиции е еден од двата доминантни фактори, заедно со владините политики за вработување кои директно придонесуваат историски најниска стапка на невработеност.

Последните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека активното население во земјава во вториот квартал броело 948.376 луѓе. Од нив, 720.674 се вработени, а 227.702 се невработени.

Стапката на вработеност изнесува 42,9%, а стапката на невработеност 24%. Бројките на Државниот завод за статистика покажуваат дека стапката на невработеност во второто тримесечје е намалена за 0,5% во однос на првото тримесечје, а за цели 2,8% во однос на истиот период минатата година. Во апсолутни бројки, за една година се отворени 21 илјада нови работни места.

Привлекувањето странски инвестиции, отворањето нови фабрики, поддршката за домашниот приватен сектор преку активните мерки за вработување даваат резултат, се отвораат нови работни места и од странските и од македонските компании.

nevrabotenost-1-640x360

-Компаниите кои веќе се инвеститори ни помагаат да ги привлечеме или да ги „нападнеме“ оние кои сакаат да инвестираат. Во моментов преговараме со повеќе компании, поголем број од нив се од автомобилската индустрија – вели првиот човек на слободните економски зони, Виктор Мизо.

Експертите сметаат дека странските инвестиции се важен фактор за намалувањето на невработеноста. Според нив, ако во државата има стабилни политички и економски односи, во 2017-та ќе има уште повидлив пад на невработеноста.

– Странските директни инвестиции, со самиот нивни влез, отворање на нови погони, отвораат нови работни места и не само тоа, да не заборавиме, тие ја менуваат образовната структура на населението во Македонија, на работната сила, вели универзитетскиот професор Tоме Неновски.

-Ако е сè како што треба, и во 2017 година ќе има повидлив пад на невработеноста, дури и повеќе од предвидувањата на Владата, односно и под 22% во првите шест месеци. Сепак, тоа ќе се случи ако имаме стабилни политички и економски односи во државата – вели доцентот од Правниот факултет, д-р Лазар Јовевски.

tabela

Од 2007-ма досега 2,4 милијарди евра инвестиции во Македонија

Македонија беше прва на извештајот на ИБМ во светот по бројот на новоотворени работни места како резултат на странските инвестиции. Од 2007 досега забележани се 2,4 милијарди евра инвестиции во Македонија

Странските директни инвестиции во земјата кумулативно, за периодот од 2007 до јуни 2016 година, достигнаа 2,4 милијарди евра. Во анализираниот период, во земјата свои инвестиции остварија или остваруваат над 50 поголеми странски компании, кои придонесоа за директно отворање на над 16.000 нови работни места и за индиректно вработување на голем број други лица.

Потврда за правилните економски политики во изминатиот период, доаѓа од високото рангирање од сите релевантни меѓународни институции.

Во извештајот Doing Business 2016 на Светска банка, Македонија е рангирана на високото 12 место меѓу 189 земји во светот, 6 место во Европа и прво во регионот на Југоисточна Европа. Ова претставува подобрување од 82 места во однос на 2006 година кога земјата беше рангирана на 94 место.

Во Извештајот за глобална конкурентност 2015-2016, Македонија e рангирана на 60 место од 140 земји во светот, што е подобрување за 24 места во однос на извештајот за 2006-2007 година. Heritage Foundation ја рангира Македонија на 47 место во светот според Индексот на економски слободи за 2016 година, што е подобрување за 31 место во споредба со 2006 година кога бевме рангирани на 78 место.

Македонија е прво рангирана во регионот на Југоисточна Европа. Според најновата ранг-листа на магазинот Форбс за 2015 година, Македонија е рангирана на 39 место меѓу 144 земји за водење бизнис. Во однос на 2007 година забележан е напредок од 43 места.

Растот на економијата го движат високите капитални инвестиции од буџетот, како и извозот на компаниите кои се директни странски инвеститори во ТИРЗ и индустриските зони.

stefan-peter

Реформи за напредок на бизнис секторот- Македонија нуди добри можности за бизнис

Македонија нуди добри можности за правење бизнис, тоа го покажува и спроведената анкета од страна на Советот на странски инвеститори. И покрај политичката криза, странските инвеститори повторно би ја одбрале нашата земја како место во кое ќе го вложат својот капитал.

-84% од компаниите кои веќе инвестирале би го направиле повторно тоа. Кога компаниите беа прашани од што најмногу се задоволни, тие истакнаа од работната сила – вели претседателот на Советот на странски инвеститори, Штефан Петер

Истражувањето на Советот се потврдува и во практиката. Голем дел од компаниите кои инвестираа во Македонија се решија повторно да го вложат својот капитал во земјава. Тоа го направија „Џонсон Мети“, „Џонсон Контролс“, „Текнохозе“, „Ван Хол“.

 
11.09.2016 - 13:37

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега