Димитриев: Курбан Бајрам е празнување и славење на солидарноста, хуманоста и грижата кон најблиските

 

Премерот Емил Димитриев упати честитка по повод Курбан Бајрам.

-Почитуван Поглавар на Исламската верска заедница во Република Македонија, господин Реис Ул Улема, Хаџи Сулејман Ефенди Реџепи,

 Ми претставува особена чест, Вам лично, на членовите на Ријасетот и на сите верници од исламската вероисповед во Република Македонија, од мое лично име и од името на Владата да Ви го честитам големиот празник Курбан Бајрам.

Во овие празнични моменти исполнети со молитва и силна верба, кога во кругот на семејството и најблиските го славите Курбан Бајрам, Ви упатувам искрени желби за среќни празнични денови, добро здравје, среќа, хармонија и бериќет во секое семејство.

Празнувањето на Курбан Бајрам е празнување и славење на солидарноста, хуманоста и грижата кон најблиските. Курбан Бајрам претставува потсетник за секој исламски верник за правење на добри дела, за почитување на семејството, комшиите и пријателите, за грижа кон оние на кои им е најпотребна помош и подадена рака, за разбирање, за смиреност и толеранција. Тоа се верски вредности, кои се присутни во секоја религија, и кои претставуваат пример за потребното човечко однесување и за вистинските морални вредности кон кои треба да тежнее секој човек без разлика на верската или националната припадност, бидејќи практикувањето на овие вредности го претставува стремежот за духовно воздигнување и афирмација на моралните вредности.

Истовремено, празнувањето на Курбан Бајрам претставува и составен дел од традицијата во нашето општество, во кое верските посебности претставуваат дополнителна вредност и дополнително афирмирање на потребата од меѓусебно почитување и разбирање. Токму оваа традиција и овие вредности се доволен поттик и во иднина да продолжиме со добра мисла и добри дела, со меѓусебно почитување и разбирање, заеднички да работиме на унапредувањето на нашата држава и просперитетот на нашето општество, бидејќи тоа е од интерес на сите граѓани во нашата држава и од интерес за нашите идни поколенија.         

     Нека Ви е честит големиот муслимански празник !

 
 
12.09.2016 - 11:49

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега