Керим повика на меѓународен договор за разрешување на бегалската криза

Срѓан Керим, македонскиот кандидат генерален секретар на Обединетите Нации кој е високо пласиран по досегашните кругови гласање, повика да се постигне нов договор за прашањето на бегалците меѓу земјите каде тие првично бараат засолниште и државите кои се нивна крајна дестинација. Во колумна во Хафингтон Пост, Керим повикува претстојното Генерално собрание на ОН да се искористи за постигнување на таков договор меѓу Турција, Либан, Јордан и Кенија, каде се сместени најголем број од бегалците, и земјите од Европа, Северна Америка и Азија каде бегалците бараат трајно засолниште.

- Како поранешен претседател на Генералното собрание на ОН, и како поранешен министер за надворешни работи на Македонија, земја чија економија и социјална структура беа силно погодени од актуелната криза, јас сум загрижен што не се покажа повеќе солидарност и заедничка посветеност. Знам дека можеме да дејствуваме подобро, пишува Керим во обраќањето до државите - членки на меѓународната организација.

Според него, светските лидери мораат да се водат од неколку принципи во пристапот до бегалската криза, вклучувајќи ја тука и обврската да се стави приоритет на заштитата на животите на лицата во опасност.

- Вредноста на човечкиот живот мора да биде приоритет при решавањето на мигрантската криза. Нехуманото однесување кон бегалците и азилантите е неприфатливо од морална гледна точка. Не можеме да зборуваме за мир и безбедност доколку не сме подготвени да им помогнеме на деца кои бегаат од нивните домови како резултат на насилен конфликт. Парадокс е зборуваме за демократија ако создаваме пречки за тие кои бараат подобар живот и стабилност, додава Керим.

Според Керим, Обединетите нации се создадени токму со таа цел - да разрешуваат глобални проблеми како бегалската криза, која се однесува на милиони граѓани од голем број нации, и која мора да се разрешува колективно и инклузивно.

 
 
14.09.2016 - 11:18
Фото: 
МИА

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега