Штип подготвен- еве колку ќе чини пастрмајлија и кој ќе ве забавува од петок до недела

Во пресрет на овогодишната 10-та „Штипска Пастрмајлијада“ 30-тина штипски угостители и винарии се подготвуваат за поставување штандови на новиот кружен тек „Дујле“, кој се наоѓа во близина на Градскиот стадион, информира координаторот на штипските угостители, Емил Попадинов.

– Извршен е распоред на штандовите, локациите се знаат, и ќе направиме се повторно да се претставиме како добри домаќини. Една пастрмалија ќе чини 120 денари, а квалитетот ќе биде докажан, штипски, рече Попадинов.

Организаторите велат дека од денеска  почна поставувањето и на бината, каде што од 16 до 18 септември ќе се одржи манифестацијата „Штипска Пастрмајлијада“.

Кирил Панајотов советник за културни манифестации во Општина Штип на денешната прес-конференција истакна дека општината ги прави финалните подготовки за почеток на манифестацијата.

– Се е подготвено, сцената се монтира, сета логистика е обезбедена, утре ќе започне поставувањето на штандовите на угостителите и во петок почнуваме со 10. јубилејно издание на манифестацијата. Имаме и најава за посетители од Србија и Бугарија, вели Панајотов.

Во манифестацијата се вклучени сите служби, а голема поддршка има и од сообраќајната полиција. Командирот на Полициска станица за безбедност на патниот сообраќај во Штип, Баже Милев вели дека нема да има проблеми во сообраќајот.

– Овде сме да го регулираме сообраќајот, истиот ќе биде пренасочен кон другите приоди, улици,  а ги замолуваме штипјани овие денови да ги остават возилата дома, да овозможат повеќе паркинг за гостите, рече  Милев.

Отворањето на манифестацијата е во петок во 19 часот, со претставување на традиционалната џиновска пастрмаија. Првата вечер, главни гости се „ЈУ група“, во сабота се „Рибља Чорба“ а манифестацијата во недела ќе ја затвори Здравко Чолиќ со настап во 23 часот. Исто така и годинава нема да изостанат традиционалните активности, „Трка на келнери“ и „Брзо јадење на пастрмалии“.

 

 
 
14.09.2016 - 16:21

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега