Размена на студенти меѓу Воената академија и Западниот универзитет од САД

Министерот за одбрана Зоран Јолевски и Џозеф Шепард, претседател на Западниот универзитет од Ново Мексико, САД, на денешната средба во Министерството за одбрана се договориле за интензивна соработка, размена на искуства и упатување питомци и размена на професорски кадар помеѓу овој значаен универзитет и Воената академија во Република Македонија.

МО денеска соопшти дека министерот Јолевски на средбата нагласил дека постои огромен потенцијал за развој на соработката од која значаен бенефит ќе имаат и двете образовни институции.

- Воената академија докажа дека работи согласно највисоките стандарди, а несомнен факт за тоа е што повеќе земји од регионот нам ни го доверуваат образованието на нивните идни офицери, рекол министерот Јолевски.

Тој додал дека Воената академија веќе има едно исклучително позитивно искуство со испраќање на двајца питомци на школување во Универзитетот Норвич во Вермонт и најавил дека оваа практика ќе продолжи и во иднина.

- Нашите питомци добија највисоки оценки за семестарот кој го поминаа во САД и јас сум сигурен дека питомците кои во иднина ќе бидат дел и од Западниот универзитет, ќе прикажат високо знаење и способност, порачал министерот Јолевски.

Претседателот на Западниот универзитет, Џозеф Шепард, стои во соопштението, посочил дека е отворен за соработка и понудил неколку области меѓу кои интензивната јазична обука, курсевите во воено лидерство, за кои рече дека се од исклучително значење, како и курсевите за криминално право и компјутерска форензика.

На средбата бил присутен и заменик-министерот за внатрешни работи, Оливер Андонов, кој изразил интерес за курсевите на полициската академија на Западниот универзитет и порачал дека тоа претставува одлична можност за доедукација на кадарот во Министерството за внатрешни работи. 

 
 
14.09.2016 - 16:23

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега