Трифуновски:Инспекторите се постојано на терен за гроздоберот да помине без проблеми

Инспекторите од Државниот инспекторат за земјоделство, шумарство и водостопанство се постојано на терен на сите откупни пунктови  во Тиквешко и другите региони во кои се откупува грозје, информираше директорот Цветан Трифуновски кој денеска ги посети Неготино и Кавадарци и неколку откупни пунктови за грозје. 

-Така ќе биде се додека трае гроздоберот. На тој начин ќе бидат отклонети и најмалите сомнежи кои евентуално би ги имале лозарите при продажбата на грозјето, во делот на мерењето на шеќерните единици или почитувањето на законските обврски кои треба да ги спроведуваат самите откупувачи, изјави Трифуновски.

Потсети и на измената во Законот која беше договорена помеѓу лозарите и винарите, со посредство на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како и на договорот за лански цени.

Директорот Трифуновски информираше дека досега при откупот  биле забележани неколку неправилности од страна на инспекторите, како што се отстапки при  истакнување на цените, баждарење на мерните инструменти со кои се мери блажината на грозјето, во самата регистрација за дозвола за вршење на откуп на земјоделски производи согласно Законот за земјоделство и рурален развој. 

- Против откупувачите кај кои биле регистрирани неправилности,  ќе бидат преземени соодветни санкции. Ќе бидат издадени платни налози, рече тој и додаде оти евидентирани  биле и неколку евентуални мали отстапувања кои се отклонувале во од, со цел да не биде стопиран  откупот. 

Трифуновски апелираше до  сите винарски визби и откупувачи на грозје да ги почитуваат законските одредби и ги повика земјоделците да ги пријават сите неправилности кое евентуално ќе ги забележат. Нагласи дека плаќањето мора да биде според шеќерни единици како што е договорено и оти ќе сносат санкции  сите што нема да го почитуваат законот.

 
 
14.09.2016 - 16:32

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега