Груевски: Битката е да се создаде кадар кој ќе и донесе победи на Македонија

 

Наша обврска е да продолжиме да создаваме дела и вредности кои ќе значат достојно оддолжување на великаните кои и денес ги славиме, потенцира во обраќањето на Мечкин Камен премиерот Никола Груевски во контекст на празнување и одбележување, и на зависење на одлуките исклучиво од граѓаните на Република Македонија. 

Одбележувањето на значајните личности и настани со споменици и споменични одбележја, истакна, е една од многуте работи кои треба да, и кои ги правиме за да остане запаметен ликот и делото на хероите кои, потсети, не се штеделе за да достигнат до идеалите во кои верувале и кои се залагале, а во кои секогаш на прво место била Македонија.

- Тој проект за кој трпевме доста напади од структури во општеството кои заради гола политичка промоција си дозволија да сквернават таму каде што не треба, покажа дека бил исправен. Јас често пати кажувам дека еден ден кога со поминувањето на одредено време ќе дојде до спуштање на политичката прашина која се јави околу овој проект тој ќе биде вистински оценет и вреднуван, и тоа се случува, рече Груевски.

Според него, расте довербата и поддршката на проектот, и уште повеќе ќе расте, бидејќи, како што рече, не гледа причина некој да осудува или да го зема за неправо градењето на споменици на Гоце Делчев, кој е идеолог на македонската револуционерна борба, на Питу Гули, кој токму овде го даде животот за Македонија, на Карев, кој беше голем визионер и прв претседател, на Ченто, кој ја водеше национал ослободителната војна против хитлеровите орди, на АСНОМ, на ВМРО, на Крсте Петков Мисирков, Ѓорѓија Пулевски, Васил Чакаларов, на Кузман Јосифивски Питу и на останатите наши херои кои секој во својот историски момент се вложил во каузата и останал запаметен во нашиот ген.

- Па ако ние како нивни наследници не ги одбележиме кој ќе ги одбележи? Или ако ние како нивни наследници не им изградиме споменици што ќе си мислат останатите за нас како земја без споменик, без корен? Јас сум убеден дека еден ден од една историска дистанца непристрасно тогашните генерации ќе дадат позитивен вредносен суд за овој проект, истакна претседателот на Владата, Никола Груевски.

Тој се наврати на една мисла на Павел Шатев кој истакнал во една прилика: „Ние ќе дејствуваме и ќе се мачиме да го реализираме замисленото и од резултатот на нашата акција ќе зависи се. Ако останатите Македонци по нас видат дека акцијата е добра, има успех, даде резултат, по своја иницијатива ќе следат и ќе отпочнат други подобни акции. Ако, пак, најдат дека нашата работа е безвредна и никој не не наследи, нека идниот непристрасен историчар со црни букви ги одбележи нашите имиња или нашата акција, а нивните нека им ги напишат со златни букви.

- Се согласувам, ако во иднина некој од нашите наследници направи подобра работа, нека направи и јас ќе бидам среќен. Ако идните генерации Македонци кажат дека не сме биле во право што сме го величеле и направиле споменик на Делчев, Ченто, Карев, Питу, Груев, Кузман тогаш прифаќаме да бидеме запишани со црни букви, но не  верувам дека ние ќе сме на црните страници, посочи премиерот.

Преку овој процес, нагласи Груевски, дадовме можност за промоција на многу македонски автори, скулптори, архитекти, инжињери, вајари, уметници, кои ќе продолжат и понатаму да бидат окосница на нашата култура и културно наследство, да го продолжат духот на културно битисување, да го засилат македонскиот супстрат на светското културно уметничко поле, но и да бидат тула во нашата државност. Според него, нема зијан за една земја да продуцира нов кадар кој со своите компетенции и искуство ќе претставува значаен елемент за Македонија.

- И нема ништо лошо, напротив победнички е преку овој процес на градење да дадеш стимул на македонските градежни компании, за да имаат работа во услови на светски негативни економски текови, и да не ги отпуштаат работниците. И победа е да имаш национална Арена и Национален  спортски Центар каде што со гордост спортистите ќе може да ги бранат боите со државниот грб, рече премиерот и додаде оти ќе продолжат со тие чекори.

Оваа година во овој период, информира, го донесуваме законот со кој ќе даваме и специјални субвенции за создавање околу 200  музички продукти годишно, меѓу кои и оние со кој ќе се афирмира историјата на Македонија и Република Македонија, или пак ќе промовира ги семејните вредности и многудетните, тема чија сериозност и закана се посериозно ќе не атакува. И како што веќе даваме финансии за творечки субвенции и субвенции за објавување на македонски научно образовани трудови во странски списанија.

Силно сме фокусирани, акцентира Груевски, и на развој на претриемништвото и на иновативниот дух, што специјално ќе го операционализираме преку новиот Фонд за иновации и технолошки развој кој покрај стручна ќе дава и финансиска поддршка на оние луѓе кои ќе креираат иновации и ќе им обезбеди т.н. акцелератори или консултанти кои ќе им помогнат иновацијата да ја претворат во успешен профитабилен бизнис кој ќе отвори нови работни места.

- Тоа е битката, да се создаваат научници, претприемачи, иноватори, музичари, врвни лекари, спортисти, уметници, писатели, млад образован кадар, режисери,.. Тие ќе донесат нови победи за Македонија и ќе ја продолжат идејата и на првиот и на вториот Илинден, истакна премиерот Груевски. 

ФОТО: Vlada.mk

најчитано сега