Скопјанец хакнал туѓ меил и си бришел пораки

 

Единицата за компјутерски криминал при Центарот за сузбивање организиран исериозен криминал, до Основното Јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против лицето 43 годишниот скопјанец Г. В.,  осомничен за оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем.

Како што денеска соопшти МВР, Г.В. неовластено пристапил кон компјутерскиот систем за електронска пошта на македонски телекомуникациски оператор со кориснички налог што му бил доделен на друго физичко лице. При тоа неовластено ги превземал и избришал податоците кои се наоѓале во компјутерскиот систем.

Имено, скопјанка на која и бил доделен кориснички налог од македонски телекомуникациски оператор за пристап кон компјутерскиот систем за електронска пошта, забележала дека поштенското сандаче било испразнето без нејзино знаење или одобрување, за што случајот го пријавила во ЦСОСК - Единицата за компјутерски криминал.

Врз основа на издадена судска наредба од Истражен судија при Основен суд Скопје 1 - Скопје од телекомуникацискиот оператор обезбедени се електронски записи за пристап (логови) кон компјутерскиот систем и утврдено е дека на 12.04.2013 година извршено е најавување, односно навлегување во компјутерскиот систем за електронска пошта, со корисничкото име на оштетената и извршено е бришење на податоци во поштенското сандаче.

Од преземените мерки и активности утврдено е дека бришењето на податоците е извршено од ИП адреса која му била доделена на пријавениот. 

најчитано сега