Доделени шест грантови за отворање приватни детски градинки

 

Грантови од 10.000 евра денеска добија 6 новоотворени приватни детски градинки. Со оваа помош од државата се очекува да се зголемат капацитетите за згрижување на деца од претшколска возраст и да се зголеми бројот на  вработувања на квалификуван кадар во детските градинки. Проектот предвидува грантови да добијат уште 4 приватни детски градинки со што бројот ќе се заокружи на 10.

Заменик министерот за труд и социјална политика Диме Спасов истакна дека еден од приоритетите на Владата на Р. Македонија е зголемувањето на бројот на детските градинки,како на државни така и на приватни со што ќе се реши деценискиот проблем на згрижување на деца од предучилишна возраст и сведување на нула на листите на чекање.

-Со новоотворените приватни градинки ќе се зголеми капацитетот за згрижување на деца за околу 260 места и ќе отворат 40 нови работни места, рече Спасов.

Грант за основање на приватна детска градинка е мерка која за прв пат се воведува од оваа година.

Спасов посочи дека и досега се реализирале низа на мерки со кои им се им давала поддршка  на приватните инвеститори за отворање на детски градинки .

-За зголемувањето на бројот на приватни детски градинки кои што сакаме да го постигнеме, во изминатиот период реализиравме пакет на мерки како што се: почетна цена на градежно неизградено земјиште од 1 евро метар квадратен, намелени комунални давачки за изградба на детски градинки за 95%, можностите да се користат мерките за вработување, искористување на проектот  „Македонија вработува 2“ , како и поволни кредитни линии преку Македонска банка  за поддршка на развојот, рече Спасов.

Директорот на АВРМ Влатко Поповски истакна дека наскоро ќе биде распишан конкурсот и за доделување и на преостанатите 4 грантови, за сите оние кои досега не успеале да аплицираат, со што ќе се заокружи бројката од 100.000 евра за поддршка на приватни детски градинки.

-Основата на овој грант е доделување за вработување на 4 лица со 10.000 евра. Ќе може да се користат и бенефициите од проектот „Македонија вработува 2“ и во наредните 5 години ќе бидат ослободени од придонеси  што ќе биде дополнителен стимул за развивање на самиот бизнис, рече Поповски.

 
 
13.10.2016 - 13:36

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега