Хан се сретна со лидерите на ДУИ, ДПА и Катица Јанева

 

Комесарот за преговори за проширување на Европската унија Јоханес Хан кој денеска престојува во Скопје, претпладнево се сретна со премиерот Емил Димитриев, со лидерите на ДПА и ДУИ Мендух Тачи и Али Ахмети, а попладне ќе разговара и со претседателите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, Никола Груевски и Зоран Заев.

Хан имаше средба и со специјалната јавна обвинителка Катица Јанева. Таа по состанокот кусо рече дека разговарале за работата на СЈО, без да даде повеќе детали. Негира дека на средбата станало збор и за евентуално формирање специјално судско одделение.

Комесарот за преговори за проширување на Европската унија, претходно се сретна и со претставници на граѓанското општество.

Детали за денешните разговори во Скопје, како што е најавено, ервокомесарот Хан ќе соопшти на прес-конференција закажана во 14 часот во ЕУ Инфо центарот. 

Целта на посетата, како што соопштија од Европската комисија, е „да се направи преглед на политичките случувања и да се дискутира за патот напред, особено во однос на организирањето на предвремените парламентарни избори во декември, како и спроведувањето на Итните реформски приоритети“.

Вчера, еврокомесарот Хан испрати порака дека е „важно условите за одржување на веродостојни избори да бидат исполнети“.

- Договорот постигнат минатото лето од страна на сите главни политички партии и поставување на датумот на изборите за овој декември е добар чекор. Сепак, ова е само почеток: важно е условите на веродостојни избори да се целосно исполнети и граѓаните да можат слободно да учествуваат на нив,  вели комесарот Хан. 

 
 
14.10.2016 - 12:00
Фото: 
МИА

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа