Светската атракција Роби Лакатош со концерт за роденденот на „Охридско лето“
Фестивалот „Охридско лето“ својот 53 роденден ќе го прослави со голем концерт на унгарската и светска музичка атракција, виолинистот Роби Лакатош со неговиот ансамбл вечерва на Античкиот театар.
На денешната прес-конференција директорот на манифестацијата Елизабета Јанкуловска изрази задоволство што маестро Лакатош е тука во Охрид, на прославата на овој значаен фестивалски јубилеј.
- Фестивалот „Охридско лето“ опстојува долго време, секогаш знае и успева покрај квалитетната програма за родендените да избере особени уметници. Благодарение на селекторите, успеваме да спакуваме приказна за вљубениците во музиката и театарската уметност, истакна Јанкуловска.
Селекторот на музичката програма Гордана Јосифова – Неделковска најавувајќи го вечерашниот концерт потсети дека години наназад на денот на раѓањето на „Охридско лето“, фестивалот нудеше исклучителни уметнички доживувања, како „Перпетум џезиле“ минатата година, претходната година осумте тенори, потоа „Свингл Систерс“ итн.
- Посебно внимание програмско беше посветено околу изборот на уметникот кој ќе настапи на овој значаен ден за овогодинешното издание. Мислам дека задоволството на сите нас е да го имаме големиот виртуоз на виолина, еден од виолинистите кој ужува огромна почит од најголемите мајстори како Репин, Грапели, Мењухин...Лакатош постапно но со голем успех ја градеше неговата светска кариера. Епитетот „ѓаволски“ е резервиран само за најголемите композитори и уметници маѓу кои Тартини, Паганини. Следниот е маестро Лакатош, што повеќе од се кажува за неговиот уметнички опус, рече таа.
Маестро Лакатош рече дека ова е прв негов настап во Македонија, па оттаму очекува исклучителен концерт вечерва за публиката на „Охридско лето“.
- Секогаш кога се настапува првпат е мошне значајно. Очекуван одличен концерт и публика оваа вечер. А вообичаено кога настапувам некаде за првпат, свирам компилација на композиции од сите мои албуми, како и дела од најновото це-де, изведени премиерно во големата „Опера хаус“ во Сиднеј, рече маестро Лакатош, наглаусвајќи дека се работи за нов проект во кој соработува со нови млади музичари.
Станува збор за сосема нова програма, набиена со силна енергија што постои меѓу шестемина уметници што вечерва ќе настапуваат на Антички.
- За фестивалот „Охридско лето“ знам од моите пријатели музичари кои имаат настапувано тука, така што можам да кажам дека оттаму и мојата возбуда што сум дел од оваа манифестација, истакна Лакатош.
Инаку, Роби Лакатош и неговиот бенд во Охрид доаѓа по настапите на неколку фестивали во Унгарија, а по вечерашниот концерт неговата агенда го води на фестивалот во Краков, Полска.
Роден во легендарното семејство на ромските виолинисти со потекло од Јанош Бихари, „Кралот на ромските виолинисти“, Роби Лакатош пораснал со музиката и на 9-годишната возраст дебитирал како прва виолина во ромскиот оркестар. Неговата музикалност се развивала не само преку семејството, но и на Конзерваториумот „Бела Барток“ во Будимпешта каде во 1984 година ја освојува првата награда по класична виолина. Во периодот од 1986 до 1996 година заедно со неговиот ансамбл, Лакатош го воодешувува аудиториумот на „Les Atéliers de la grande Ille“ во Брисел – неговиот „музички дом“ во тој период. Лакатош соработувал со Вадим Репин и Стефан Грапели, а со неговата изведба се восхитувал Сер Јехуди Мењухин кој специјално доаѓал во клубот во Брисел да го чуе.
Роби Лакатош е не само воодушевувачки виртуоз, но и музичар со исклучително чувство за стил. Еднакво комотно чувствувајќи се при изведбата на класичната музика, џезот и унгарските фолклорни идиоми, Лакатош е од ретките музичари кој им пркоси на дефинициите. Го нарекуваат ромски виолинист или „ѓаволест виолинист“, класичен виртуоз, џез-импровизатор, композитор и аранжер, „повратник од 19-от век“, а Лакатош, всушност, и е се тоа заедно. Тој е универзален музичар кој толку ретко може да биде сретнат во наше време – свирачот чијашто моќ на интерпретатор потекнува од неговите активности на импровизатор и композитор. Лакатош настапува во најпознатите сали и на најпрестижните фестивали во Европа, Азија, Австралија, Америка.