„Виз Ер“ ќе лета со уште еден авион од „Александар Велики“
Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески денеска ќе присуствува на промоција на вториот авион на нискобуџетната авиокомпанија „Виз ер“ која реализира летови со субвенции од македонската Влада. Извршниот потпретседател на „Виз Ер“, Џон Стивенсон ќе ги објави плановите за раст на компанијата преку нејзината база на скопскиот аеродром.
Откако беше потпишан тригодишниот договор со македонската Влада, авиокомпанијата од октомври минатата година воведе летови од скопскиот аеродром кон шест европски дестинации. Со договорот се обврза да воспостави база од најмалку еден авион на аеродромот „Александар Велики“ во Скопје и да ја одржува во период од три години.
Субвенционирањето на авиолетовите е дел од проектите на Владата за зголемување на сообраќајот на аеродромите во Скопје и во Охрид и на бројот на туристи.
До крајот на 2014 година за субвенционирање авиолетови се планирани 306 милиони денари. Субвенционирањето се врши врз основа на воведување нови дестинации и зголемување на бројот на патници.