Нови инвестиции и работни места: Македонија препознатлива на мапата на инвеститорите
Македонија забрзано ги спроведува реформите за подобрување на бизнис – климата. Во земјава евтино и едноставно, за само два дена се отвора фирма, воведен е едношалтерски систем, давачките се ниски, значително се намалени административните процедури, подобрена е транспарентноста и отвореноста на институциите, зголемена е правната сигурност. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ спроведе над 30 системски реформи кои на Македонија и го донесоа десеттото место во светот и петтото во Европа во извештајот „Дуинг бизнис“ на Светска банка, пишува Лидер.
Од 2007 досега е регистриран скок од неверојатни 84 места, што е јасен показател за спроведените реформи и за модернизацијата на македонското стопанство.
-Овој континуиран напредок е резултат на напорна и координирана работа при што се спроведоа над 30 системски реформи со кои се олесни работата на сите оние кои водат некоја компанија, драстично се намалија административните процедури и времето за спроведување одредени постапки, објаснува вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, кој и самиот доаѓа од бизнис – секторот.
Како резултат на спроведените реформи се отворија нови можности за домашниот приватен сектор, македонските компании имаат олеснет пристап до капитал, работат со намалени трошоци со што се поконкурентни и можат полесно да извезуваат на странските пазари.
-Благодарение на континуираните реформи и настојувања за постојано подобрување, денес во Македонија се стопанисува побрзо и поевтино во однос на пред десет години или во однос на сегашните процедури во земјите од Европа, централна Азија и ОЕЦД. Денес во Македонија се плаќа трипати пониска ефективна даночна стапка, трипати побрзо се увезува и извезува стока при што извозот е двојно зголемен и е намален трговскиот дефицит, полесно се пристапува до кредити и многу побргу се решаваат стечајните постапки, вели министерот за финансии, Кирил Миноски.
Македонија е препознатлива на мапата на инвеститорите
Времињата се променети. Македонија повеќе не е зафрлена земја во центарот на Балканот, непозната за инвеститорите и неконкурентна на светскиот пазар. Напротив, земјава стана инвестициска дестинација за голем број компании од САД, Германија, Велика Британија, Белгија, Италија…
-Бизнис – климата која ја создадовме ни дава можност за привлекување нови познати компании да инвестираат во земјава, да отвораат нови работни места, да продуцираат нови производи и да го зголемуваат извозот, а со тоа да се подигне и стандардот на граѓаните и економскиот раст на земјата, вели Пешевски.
Слободната економска зона Бунарџик во Скопје во изминативе десеттина години беше претворена од празна ливада во голем производствен центар. Влегуваат нови странски компании, а постојните ги прошируваат капацитетите.
-На крајот на ноември и декември очекуваме уште неколку компании да донесат позитивни одлуки за инвестирање во Македонија. Не можам да споделам имиња, бидејќи тие компании треба сами да ги кажат тие информации и да ги споделат со јавноста, но јас сум оптимист. Се надевам дека во следните шест до осум недели ќе имаме дополнителни компании кои ќе се одлучат за нас, вели првиот човек на слободните економски зони, Виктор Мизо.
-Многу Влади претходно говореле за проекти, имало подготовка, но недостасувала реализацијата. Не успеале да направат зони и да донесат големи инвестиции кои ќе отворат над илјада работни места на нешто што било зелена ливада, сега имаме над 20 компании, вели Пешевски.
Македонија успеа и во време на политичка криза да привлече странски инвестиции, во и надвор од слободните зони, кои придонесоа за раст на извозот, отворање нови работни места, воведување нови технологии, креирање можности за соработка на домашните фирми со страните.
Последните податоци за периодот јануари – септември покажуваат раст на извозот од зоните за 19,2 процента, што сигнализира дека наскоро може да се достигне бројката од 2 милијарди евра. Компаниите што оперираат во ТИРЗ веќе го зголемуваат производството и отвораат нови работни места.
Каде беше Македонија пред реформите?
Податоците на Државниот завод за статистика даваат прилично јасна слика за тоа каде на економски план беше Македонија за време на владеењето на СДСМ и сега, во времето на ВМРО-ДПМНЕ.
Последните податоци на Заводот покажуваат дека стапката на невработеност во земјава изнесува 24%, а стапката на вработеност 42,9%, со стапка на активност од 56,5%.
Во 2003, 2004, 2005 и 2006 година стапката на невработеност изнесувала 36,7%, 37,2%, 37,3% и 36%. Стапката на вработеност во тој период изнесувала 38,5%, 36,8%, 37,9%, 39,6%.
Според податоците на Државниот завод за статистика, стапката на сиромаштија изнесувала 30,2% во 2002 и во 2003 година, за во 2014 да падне на 22,1%.
Драстично е променета сликата и кога се работи за странските директни инвестиции. „Ауди“ никогаш не влезе во Македонија, но владата на ВМРО-ДПМНЕ во земјава привлече гиганти од рангот на „Џонсон Контролс“, „Џонсон Мети“, „Дрекселмајер“, „Кромберг и Шуберт“, „Гентерм“, „ОДВ Електрик“, „Маркард“…
Изразено во бројки, во 2002 година во Македонија влегле СДИ од само 77,82 милиона долари, во 2003 од 96,29 милиони долари, следната година од 157 милиони, а во 2005 речиси 100 милиони долари.
Сликата се менува од 2006 година, кога приливот на СДИ во Македонија достигна 350,5 милиони долари. Во 2010 влегоа 211,6 милиони, во 2011 дури 473,54 милиони долари, во 2012 поради кризата оваа сума се намали на 192,91 милиони долари. Салдото веќе во 2013 порасна за 334,7 милиони долари, СДИ во 2014 изнесуваа 272,45 милиони, во 2015 изнесуваа 245,86 милиони (период на политичка криза). Во првото полугодие од годинава салтото на СДИ изнесува 138 милиони долари. Грубата пресметка покажува дека СДИ во времето на ВМРО-ДПМНЕ се трипати повисоки во однос на владеењето на СДСМ.
ММФ прогнозира дека странските инвеститори во Македонија во следниве неколку години ќе отворат повеќе од 30 илјади работни места.
Владеењето на СДСМ заврши во 2006 година, откако ВМРО-ДПМНЕ ја однесе победата на парламентарните избори. По доаѓањето на власт, новата влада предвремено се раздолжи кон ММФ, Светска банка и Парискиот клуб, што и даде одврзани раце во креирањето на економските политики, но и доволен простор за интервенција кога светот го потресе најголемата економска криза во последните 80 години.
И во време на оваа економска криза, Владата покажа дека знае што му е потребно на бизнисот. Обезбеди евтини кредитни линии преку Европската инвестициска банка, спроведе низа активни мерки кои им овозможија на компаниите полесен пристап до работна сила, даночното оптоварување остана ниско, а во исто време, се продолжи со политиката за стимулирање на стопанството преку висок износ на капитални инвестиции секоја година.
-Градежништвото како стопанска дејност во последните години е двигател на економскиот развој на Македонија. Реализацијата на капитални проекти дава сигурност дека и во наредните три до четири години ќе имаме перманентен развој на градежништвото и на економијата. Капиталните проекти во изградба на новите три автопатишта, на брзи и регионални патишта се основа за развој на секоја економија, објаснува првиот човек на градежната комора при ССК, Роберт Хот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа